Млади брачни парови кои ќе се решат да се преселат во рурална средина и да се занимаваат со земјоделство ќе можат да добијат финансиска поддршка до 100.000 евра, предвидена со новиот Закон за земјоделство и рурален развој, објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР). Законот, кој е ставен на јавен увид до 28 мај, има за цел да поттикне живот на село, да го заживее руралниот развој и да ги мотивира младите да останат во земјата преку сопствени земјоделски бизниси.
Поддршката ќе се доделува на брачни парови до 40-годишна возраст, под услов да живеат и работат на село најмалку 10 години. Финансиската помош изнесува 80% од вкупната вредност на прифатените трошоци, а се исплаќа во рамки на трогодишен проектен циклус врз основа на одобрен деловен план од Агенцијата за поддршка во земјоделството.
Ако условите не се исполнат, примателите ќе мора да го вратат целиот износ на добиената поддршка.
Исто така, со по 100.000 евра ќе бидат поддржани и млади лица до 40 години кои ќе отворат земјоделски или шумарски бизниси, вклучително и оние кои ќе започнат ново семејно земјоделско стопанство или ќе го диверзифицираат доходот преку неземјоделски активности во руралните области.
Млади земјоделци кои за првпат започнуваат со земјоделска дејност ќе добијат помош од 10.000 евра, а поддршка од 20.000 евра ќе биде наменета за активни женски членови во земјоделски семејства и за иновативни микропретпријатија на село. Жените како носителки на производство ќе добијат дополнителни 6.000 евра поддршка.
Законот предвидува и усогласување со европските директиви за директни плаќања и уредување на земјоделските пазари, а јавната расправа за него е закажана за 2 јуни.