Државниот завод за ревизија предупредува дека земјава забрзано старее, бројот на луѓе над 65 години расте, а товарот врз пензискиот систем станува сè поголем.

Македонија влегува во длабока демографска криза. Според најновите проекции на Државниот завод за ревизија, до 2055 година земјава ќе изгуби речиси половина милион луѓе од работоспособното население, додека секој трет жител ќе биде постар од 65 години.

Извештајот покажува дека населението старее со забрзано темпо, а причините не се сведуваат само на нискиот наталитет, туку и на засилената емиграција. До 2055 година лицата над 65 години ќе сочинуваат 34,2 проценти од вкупното население, а бројот на луѓе постари од 80 години ќе порасне од околу 22.000 во 2024 година на повеќе од 144.000. Во исто време, бројот на жители на возраст од 15 до 64 години ќе се намали за околу 470.000.

Оваа промена не е само демографски проблем, туку и директен удар врз економијата и јавните финансии. Помал број работоспособни граѓани значи помалку луѓе што ќе плаќаат придонеси, а повеќе луѓе што ќе зависат од пензискиот и здравствениот систем. Ревизорите предупредуваат дека пензискиот систем веќе работи под сериозен притисок, бидејќи расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата сè почесто се покрива од државниот буџет.

Само во 2024 година, буџетските трансфери за пензии достигнале околу 690,6 милиони евра. Во изминатата деценија, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движело меѓу 32,6 и 43,6 проценти, што покажува колку системот станува зависен од државната каса.

Последиците веќе се гледаат и во образованието. Бројот на запишани првачиња е значително помал од бројот на родени деца шест години претходно, а кај матурантите падот е уште поизразен. Тоа, според ревизијата, е јасен сигнал дека младите не само што се помалку на број, туку и сè почесто ја напуштаат државата уште пред да станат дел од домашниот пазар на труд.

Паралелно со ова, државата нема ниту доволно развиен систем за долготрајна грижа за старите лица. По истекот на националната стратегија во 2020 година, сè уште нема нов сеопфатен документ, а услугите за домашна нега и институционална грижа остануваат ограничени и недостапни во голем дел од општините.

Пораката од ревизијата е јасна: стареењето на населението веќе не е тема што може да се оттурка како проблем на иднината. Тоа станува сегашен притисок врз пензискиот систем, социјалната заштита, здравството и буџетот, во држава што истовремено губи луѓе, работна сила и време за реакција.