Опозицијата го оспорува договорот за заем со Велика Британија поради неправилностите во потписот и спорниот превод на документот. Бил потпишан од потпретседател на Македонија, функција која во правниот поредок на земјава не постои. Според власта, тоа е техничка грешка и ќе биде исправена. Во Собранието продолжи дебатата по Предлог законот за задолжување од 6 милијарди евра од Обединетото Кралство.
Документот кој министерот Николовски и неговиот британски колега Томас го потпишаа во Лондон не може да се толкува како меѓународен документ и е ништовен. Опозицискиот СДСМ го оспори меѓувладиниот договор со Обединетото Кралство за инфраструктурни проекти, кој денеска се најде пред пратениците. Според Оливер Спасовски, оригиналниот наслов на документот не е договор, туку спогодба, а е потпишан од потпретседател на држава, што е непостоечка функција.
Претходно, договорот со Британија едносгласно го помина комисискиот филтер. Според Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ, овој договор е клучен за економскиот развој на земјата, а посебно инвестициите во железничкиот товарен транспорт.
Договорот потишан минатата недела, а со кој земјава ќе користи заем од 6 милијарди евра до Британија остро го нападна и Левица .
СДСМ го поддржува стратешкото партнерство со Британија, но има сомнежи за заемот и цената која треба да се плати.
Одговорија од власта. Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ вели дека договорот е јавен и секој може да го види.
Според Владата, во првите 5 години ќе се повлечат 2,2 милијарди евра, пари со кои ќе се гради брзата пруга Табановце – Гевгелија и од Скопје до аеродромот во Петровец, но и инвестиции во здравствени установи. По критиките на опозиција за нетранспарентност, премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека вкупната каматна стапка за заемот ќе биде пониска од маргината 4,5 проценти, појаснувајќи дека ќе се користи кредитниот рејтинг на Обединетот Кралство што е трипати А, потенцирајќи дека тоа е најдоброто што во овој момент Македонија може да го добие на пазарот. Дебатата по текстот на законот за договорот со Британија во собранието продолжува попладнево.