Државата плаќа милијарди за камати на јавниот долг, многу повеќе од средствата за изградба на градинки, домови за стари лица и за набавка на нови автобуси во јавниот превоз. „Фајнанс тинк“ предупредува дека ова создава сериозен фискален товар. Сепак, министерката за финансии, Гордана Димитриеска‑Кочоска уверува дека буџетот е ликвиден и граѓаните можат да бидат спокојни

 

Анализата на економскиот институт „Фајнанс тинк“ отвора сериозно прашање за структурата на буџетските расходи и за цената што државата ја плаќа за сервисирање на јавниот долг.

Според нивната визуализација, во периодот 2026 – 2028 година државата, во просек, годишно ќе издвојува околу 23,4 милијарди денари за камати, што претставува значителен фискален товар во споредба со средствата наменети за клучни развојни инвестиции.

Според последните официјални податоци, јавниот долг на Македонија на крајот на 2025 година изнесуваше приближно 10 милијарди евра, или околу 60  % од БДП.

Посвежи бројки ќе има на крајот на првиот квартал од 2026 година. Инфографикот на „Фајнанс тинк“ ја прикажува оваа диспропорција преку споредба со три области на јавни инвестиции – изградба на домови за стари лица, изградба на градинки и набавка на автобуси за јавен превоз. Капиталните инвестиции изнесуваат околу 23 милиони денари за домови за стари лица, 103 милиони денари за градинки и 315 милиони денари за јавен превоз. Во исто време, износот за каматни плаќања достигнува 23,433 милиони денари, што е драматично повеќе од средствата за овие развојни проекти.

Пресметките покажуваат дека каматите се 74 пати повисоки од инвестициите во јавен превоз, 227 пати повисоки од средствата за градинки и дури 1027 пати повисоки од средствата за изградба на домови за стари лица, што нагласува дека буџетскиот товар од јавниот долг расте побрзо од вложувањата во инфраструктура и социјални услуги.

– Од економска перспектива, ваквиот тренд може да има долгорочни импликации врз развојот, бидејќи високите каматни расходи го ограничуваат фискалниот простор за инфраструктура, социјални услуги и локален развој. Кога порастот на  каматните плаќања го надминува порастот на развојните вложувања, буџетот постепено се трансформира од инструмент за економски развој во механизам за  одржување на финансиските обврски од претходните задолжувања – коментираат економски аналитичари.

Сепак, министерката за финансии, Гордана Димитриеска‑Кочоска, истакнува дека буџетот е ликвиден, средствата се обезбедени навреме, и постои простор за дополнителни мерки доколку е потребно.

–Работевме посветено во изминатиот период и испорачуваме како што сме испланирале. Граѓаните можат да бидат спокојни. Пари обезбедивме навреме. Условите беа многу поповолни, издадовме еврообврзница со убедливо најниска камата – рече министерката.

Таа додава дека постои голем предизвик, но радува фактот што има пораст на бруто-домашниот производ.

– Тоа е важно затоа што јавниот долг го гледаме како процент од БДП – колку е поголем БДП, толку се намалува релативната тежина на долгот и се отвора простор за дополнителни задолжувања, ако е потребно. Политиката мора да биде континуирана и стабилна, и има простор за реакции доколку се појави потреба – нагласи Димитриеска‑Кочоска.

Министерката оценува дека проекциите за приходите се реални, со реализација од 95,91 % за 2025 година и 95,81 % за 2017 година, додека на расходната страна сите налози во Трезорот се исплаќаат редовно, вклучително и капиталните расходи.

– Сè што стига како налог во Трезорот во Министерството за финансии се исплаќа редовно и согласно со упатството –посочи таа.