Јавното претпријатие „Државни патишта“ официјално доставило барање до Министерството за финансии за нова дополнителна финансиска помош за отплата на автопатот Кичево -Охрид. Тоа значи дека покрај редовната отплата на долгот на јавното претпријатие кон кинескиот кредитор Ексим банка, дополнително со пари од буџетот ќе треба да се вклучи и Министерството за финансии.

„Информација за доставено Барање за репрограмирање на долг бр.11-953/1 од 7.2.2025 година на Јавното претпријатие за државни патишта кон Министерството за финансии, поради неможност за отплата на доспеаните обврски по Договори за заем склучени со Експорт-Импорт банка на Кина“, потврди Владата во форма на поставено прашање како точка на последната седница на 22 јули.

Министерството за финансии веќе отплаќаше дел од ратите кон „Ексим“ банка во периодот на ковид-19 пандемијата и во периодот на кризата. Рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид постојано се одложува. Наместо да биде завршен во предвидениот рок во 2018 година, по шест анекси на договорот што беа изгласани во Собранието, рокот за завршување на градежните работи е продолжен до 31 декември 2026 година.

Автопатот Кичево Охрид ќе поскапи, но по се изгледа ќе треба и повеќе време додека да се пушти целосно во употреба. Премиерот Христијан Мицковски на средината на месецов потврди, но не прецизираше колку пари и од каде ќе се позајмат за довршување на трасата, само рече дека поскапувањето е поради свлечиштата на неколку локации кои биле покомплицирани од претходните. За овој автопат долг 57 километри, досега се потрошени околу 600 милиони евра.

Пред две недели беа пуштени 20 километри од делницата, иако Владата најавуваше дека ќе се отворат 40 километри со прекин кај Ботун. Покрај црвените ленти и свеченото отворање, премиерот заедно со министерот за транспорт Александар Николоски со автомобил прошетаа низ делницата. Беше најавено дека во август ќе се пуштат уште 18 километри.

Во повеќе наврати досега домашни и странски инженери градежници и експерти од областа потенцираа дека проектот е згрешен од самиот старт, но одговорност никој не понесе за тоа.
Јавното претпријатие за државни патишта лани забележа рекордни приходи. И покрај тоа Министерството за финансии мора да ги пополнува финансиските дупки на ЈПДП. Последната информација во март е дека Министерството за финансии исплатило 43 милиони евра за заеми каде што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е главен должник. Исплатите биле за автопатот Миладиновци-Штип кај Кинеската банка од каде е земен заем, а во истата банка и за автопат Кичево-Охрид, како и на ЕБРД за експресниот пат Раец – Дреново и реконструкцијата на експресниот пат Штип – Кочани. Овие прокти ги спроведува ЈПДП, но кога претпријатието нема пари за да си ги плати кредитите тогаш според договорот Министерството ги покрива тие пари. На веб-страницата не „Државни патишта“ не може да се види колкав е долгот кон Министерството за финансии, бидејќи не е објавена ниту завршната сметка, ниту годишниот финансиски извештај за минатата година.