На денешната прес-конференција, Имране Велиу-Алиу од Демократската унија за интеграција презентираше анализа според која неинтервенирањето на Владата пред растот на цените на нафтените деривати предизвикува огромни финансиски трошоци за граѓаните и бизнис-секторот
Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за драматичниот раст на цените на нафтените деривати и бара итна интервенција од Владата за заштита на семејниот буџет на граѓаните.
На денешната прес-конференција, Имране Велиу-Алиу од Демократската унија за интеграција презентираше анализа според која неинтервенирањето на Владата пред растот на цените на нафтените деривати предизвикува огромни финансиски трошоци за граѓаните и бизнис-секторот.
Според партиската анализа, годишната потрошувачка на нафтени деривати во земјата изнесува околу 720 000 тони. Со моменталните цени, граѓаните и бизнисите секојдневно плаќаат околу 685 000 евра повеќе, што на неделно ниво изнесува над 5,15 милиони евра.
„Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати. Зголемувањето на цената од 21 денар по литар директно ги погоди граѓаните“,
истакна Велиу-Алиу.
Посебен акцент беше ставен на граѓаните кои секојдневно патуваат кон Скопје, а Валиу-Алиу изнесе бројки околу тоа колку би плаќале на годишно ниво овие граѓани доколку не се интервенира во цените.
Според нивните пресметки, граѓаните на Тетово на годишно ниво би плаќале околу 600 евра повеќе по лице, оние што патуваат од Гостивар по 780 евра, а кумановците што секојдневно доаѓаат во Скопје годишно би трошеле околу 579 евра повеќе.
Од ДУИ сметаат дека овие бројки се алармантни и дека директно го влошуваат животниот стандард.
Партијата упати јавно барање до Владата за итно носење мерки што би го ублажиле овој „неподнослив товар“ врз економијата и домаќинствата.
Пред една недела ДУИ ѝ предложија на власта мерки за спречување злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден.
Дел од мерките се да се воведат максимални цени на основните прехранбени производи или да се ограничат трговските маржи и да се намали ДДВ за основните производи за период од три месеци.
Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, апелираат најмалку двапати неделно да има разгледување на цените на нафтените деривати имајќи ги предвид промените на меѓународните берзи.
Вчера, пак, од ДУИ побараа Владата веднаш да го разреши министерот за економија, за кого рекоа дека очигледно нема ниту визија ниту план за справување со економските кризи.