Нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, рече денеска (9 јуни) министерот за економија Бесар Дурмиши. Тој за ова бил усно информиран од директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, но утре, како што изјави, Владата ќе го добие и официјалниот извештај за спроведените инспекциски контроли во текот на мај.
Според Дурмиши, поскапувања има само кај сезонски производи кои не спаѓаат во делот на основните прехранбени.
„Утре ќе биде доставена до Влада информацијата за вонредните контроли во мај. Ќе не известат точно како се движеле цените по завршување на мерката. Од она што знам засега, нема драстично зголемување на цените, само на производи кои се сезонски, но тие не спаѓаат во делот на прехранбените основни производи. Од она што усно ме информираше директорт на ДПИ, немаме драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи“, истакна министерот.
Дурмиши информира дека утре ќе биде доставен и извештајот за тоа колку трговците ја почитуваат одлуката за транспарентност и објавување на цените на производите на нивните веб страници.
Владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо заврши на 30 април. Одлуката беше донесена во февруари годинава.
Маркетите, аптеките и продавниците за техника и мебел од (18 април) ги објавуваат цените на своите производи на нивните официјални веб-страници, што е нивна обврска согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи. Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот, а во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.