Државниот завод за ревизија, при спроведената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на Министерството за здравство за 2023 година, утврди негативно мислење за валидноста и непристрасноста на финансиските извештаи, како и за нивната сообразност со правната регулатива, насоките и воспоставените правила.
Според соопштението од ДЗР, ревизијата открила слабости во финансиското управување, книговодствената евиденција, остварувањето на програмите и спроведувањето на капиталните инвестиции, што има влијание врз квалитетот и пристапноста на здравствените услуги за населението.
“Во 2023 година, за реализација на 23 здравствени програми беа обезбедени 5,3 милијарди денари, што не беше доволно за навремено и целосно исполнување на обврските кон јавните здравствени установи и дополнително ја загрози нивната солвентност”, се вели во извештајот.
Ревизорите забележале повеќе недоследности во записите, имплементацијата и известувањето во рамките на програмата за лекување ретки болести во 2023 година, во рамките на програмата за обезбедување инсулин, како и во програмата за рано откривање на малигни заболувања.
Ревизијата констатирала дека недостасуваат јасно дефинирани квантитативни индикатори, досегот на населението е низок, а дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува ефектот на превентивните мерки.
Во однос на капиталните инвестиции, ревизијата укажува на сериозни проблеми во извршувањето на проектите.
“За изградба на Општа болница Кичево се утврдени состојби кои предизвикале значајни финансиски последици врз вкупната вредност на проектот, долгогодишно одлагање на обезбедување на поквалитетни здравствени услуги за граѓаните, како и ризик од дополнителни трошоци во зависност од исходот на судската постапка што е во тек”, се потенцира во извештајот.
Ревизијата покажала дека и покрај тоа што активностите за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип, преку проект финансиран со заем од CEB (Банка за развој при Советот на Европа), започнале во 2015 година, истите сè уште не се завршени.
“Откажувањето на компонентата за изградба на Клиничкиот центар во Скопје, пролонгирањето на роковите и раскинувањето на договорот за Клиничкиот центар во Штип резултирале со покренување на арбитражни постапки за отштетни побарувања во вкупен износ од 45 милиони евра.”
“Истовремено, од вкупниот заем од 97 милиони евра, неповратно се повлечени 83,4 милиони евра од страна на кредиторот, односно средствата повеќе не се достапни за државата поради нивно неисполнување на условите и нереализација на проектот во предвидениот рок”, се наведува во извештајот.
Во рамките на истакнување на прашања, ревизијата укажува дека иако повеќе од 90 отсто од градежни работи на ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид и Градска општа болница Струмица , кои започнале уште во 2015 и 2016 година, се завршени, се уште не се обезбедени услови за пуштање на објектите во употреба.
Ревизијата покажува дека причините за доцнењето се бројни: пролонгирање на рокови, склучување на голем број анекси поради пропусти во проектната документација, пораст на цените на градежните материјали, како и покренати судски постапки.
“Овие состојби предизвикале значително зголемување на трошоците и одложување од речиси 10 години во обезбедувањето на подобри здравствени услуги за граѓаните”, се наведува во соопштението.
Ревизорите утврдиле недоволен опфат со вакцинација на населението, кој се движи од 56,3 отсто до 87,7 отсто, со особено намалување по пандемијата во 2020 година, а главните причини се зголемената недоверба на граѓаните во безбедноста на вакцините и одложувањата во спроведување на вакцинацијата со одредени вакцини.
Во делот клучни ревизорски прашања, ревизијата посебно го анализирала статусот, кадровската екипираност, финансирањето и начинот на функционирање на Единицата за имплементација на проектот за изградба на нов клинички центар .
“Ревизијата исто така известува за расположливите неискористени средства на проектната сметка во износ од 517,251 илјади денари, односно 8,4 милиони евра од кои 6,01 милиони евра се по основ на активирани банкарски гаранции за квалитетно извршување на договор, наплатени од изведувачот при раскинување на договорот за изградба на Клинички центар Штип, а додека пак 2,4 милиони евра се повлечени а неискористени средства од кредитот. Дополнително, се укажува на неизвесноста околу идните трошоци кои ќе треба да се покријат од овие средства”, се наведува во сооопштението.
За санирање на констатираните состојби, ревизорите дале предлози со цел преземање мерки и активности од одговорните лица и институции, во насока на подобрување на состојбите.