ССМ и Владата со различни формули за зголемување на работничките, односно замрзнување на функционерските плати. ССМ поднесе иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица, со која се предлага основица за пресметка на нивните плати да биде минималната плата, а не просечната. Владата, пак, излезе со формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата. Имено, од Владата појаснуваат дека покачувањето на платата на административците ќе биде етапно до 2028 година и дека ќе се зголеми таа повеќе од порастот на минималната плата.
Сојузот на синдикатите на Македонија оди со втората фаза – радикализација на протестите и институционална блокада. Инаку, вчера двете страни излегоа со свој пресметки за зголемување, односно намалување на платите. Имено, ССМ поднесе иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица. Со оваа иницијатива, ССМ предлага основица за пресметка на нивните плати да биде минималната плата, а не просечно исплатената месечна плата за вработен. Од Владата, пак, излегоа со формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата.
– Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следува покачувањето на платите на административците, етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата – посочи премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека во разговорите, дел од раководството на ССМ се повикува на Општиот колективен договор што го има потпишано Синдикатот со претходната Влада, кој, иако е истечен, во преодните и завршните одредби стои дека тој е во функција сè додека не биде потпишан нов колективен договор. Појасни дека поради различно толкување на начинот на утврдување на висината на платите во јавната администрација, може да резултира со проблеми во пресметувањето, така што Владата, поради тоа, предлага унифициран образец според кој би се утврдувала висината на личните доходи.
– Доколку ја примениме оваа формула, тогаш, при исплатата на личните доходи, ќе се создаде какофонија, бидејќи постојат неколку документи што ја дефинираат платата, кои може да се толкуваат различно. Ние сакаме унифициран образец по кој ќе се исплаќаат платите за администрацијата. Еден од трите члена каде што се дефинираат платите во Општиот колективен договор да го суспендираме и во периодот додека важи овој договор што ќе го постигнеме, да преговараме за нов општ колективен договор. Тоа е некаде три години. Јас ценам дека за три години, ако се седне, ќе се направи многу повеќе отколку нова верзија на Општиот колективен договор. Доволно сме зрели и одговорни и мислам дека е тоа сосема доволно време – рече Мицкоски.
Според пресметките на СССМ, со законското усогласување во март, платите на над илјада функционери би требало да се зголемат за околу 220-250 евра. Освен ако не биде запрено тоа со поднесената иницијатива со која се бара да се „замрзнат“ или да се намалат коефициентите за пресметка на функционерските плати.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека засега не е донесена одлука и дека ќе се чекаат статистичките податоци за просечната годишна плата за 2025 година, кои ги објавува Државниот завод за статистика во февруари.
– Минатата година донесовме одлука со која ги ограничивме платите на функционерите, да не се зголемуваат како што се зголемуваат платите на сите други вработени во јавниот и во приватниот сектор. Ќе ја видиме ситуацијата и соодветно ќе постапуваме. Стоиме на ставот дека откако сме дојдени на власт, немаме донесено ниту една одлука за зголемување на платите на функционерите. Да се извадат податоците, па ќе донесеме одлука. Исто како што постапивме минатата година, ќе постапиме и оваа – изјави Дурмиши.
Инаку, функционерските плати се пресметуваат така што се множи просечната годишна плата од претходната година со коефициентот, кој варира според сложеноста на работното место.
Синдикатите бараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарен раст од сто евра за сите други, додека Владата застапува модел на постепен раст. Формулата што ја предлага Владата предвидува кумулативно зголемување од околу 40 проценти до 2028 година, со годишни нивелации меѓу седум и осум проценти.
Ставот на синдикатот засега е дека таквата долгорочна проекција не ги задоволува потребите на работниците, имајќи ја предвид инфлацијата, така што ССМ се заканува со генерален штрајк доколку не се постигне итен договор во рамките на Економско-социјалниот совет.
Во меѓувреме, синдикатите продолжуваат со серија блокади, со цел да се парализира нормалното функционирање на државниот апарат и да се принудат функционерите на директно соочување со работничките барања.
На 10 февруари ќе биде блокирано Собранието, со цел на пратениците да им се оневозможи пристап со возилата и наплата на патните трошоци. На 12 февруари, блокадите ќе се преселат пред Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Организацијата на работодавачи. За 17 февруари е планирана опсада на Владата, при што министрите и премиерот Христијан Мицкоски ќе бидат принудени пеш да минат покрај незадоволните работници.