Управата за јавни приходи (УЈП) почна засилени контроли на компаниите од градежниот сектор, кој е идентификуван како многу ризичен, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово.

Се проверуваат: продажбата на објекти по истекувањето пет години од нивната изградба; договорите со нереално ниска продажна вредност; непријавените вработувања и ангажмани; разликите меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба; издавањето фактури без прибелешки во јавните книги, како и неправилната примена на механизмот за пренос на даночна обврска (reverse charge).

– Целта на овие контроли е откривање и санкционирање на даночните неправилности, заштита на буџетските приходи и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот – велат од УЈП и апелираат градежните компании и инвеститори да ги преиспитаат своите финансиски и даночни политики.

Од Управата информираат дека во изминатиот период, со цел подигнување на даночната свест и поттикнување доброволна усогласеност, се реализирани едукативни средби и појаснување на одредбите од даночните закони и усогласеното работење на компаниите од градежен сектор според регулативите.

– Преку овој пристап, Управата за јавни приходи има цел да се поттикне одговорно однесување на даночните обврзници од градежниот сектор и да се создадат услови за доброволна усогласеност, што е во интерес и на обврзниците и на јавните финансии – велат од УЈП.

Оттаму потсетуваат дека согласно со важечките законски прописи, првиот промет на станови во рок од пет години по изградбата подлежи на оданочување со повластена стапка на ДДВ од 5 %. По истекот на пет години, прометот е ослободен од ДДВ, но без право на одбивање на влезниот данок, што подразбира обврска за корекција кај обврзниците што претходно го одбиле.

Управата за јавни приходи достави 318 персонализирани известувања до целни даночни обврзници од градежниот сектор, со кои ги повика да извршат корекција на одбивањето на влезниот данок на додадена вредност (ДДВ) во вакви случаи.