Европската централна банка (ЕЦБ) ѝ упати јасен апел на италијанската влада да го преиспита амандманот поднесен во парламентот, со кој се тврди дека златните резерви на националната централна банка ѝ припаѓаат на италијанската нација.
Повикувањето на претпазливост доаѓа преку документ објавен денес, во кој ЕЦБ предупредува дека ваквата иницијатива би можела да ја наруши независноста на Банката на Италија.
Италија располага со третите најголеми национални златни резерви во светот, 2.452 тони злато во вредност од околу 300 милијарди долари, што претставува околу 13 проценти од бруто-домашниот производ на земјата. Управувањето со овие резерви долги години е предмет на политички дебати, особено меѓу оние што повремено предлагаат делумна продажба за намалување на јавниот долг или за финансирање потрошувачки мерки.
ЕЦБ нагласува дека целта на амандманот не е доволно јасна и потсетува дека независноста на централните банки е основен принцип на еврозоната. „Италијанската влада треба повторно да го разгледа предлогот, имајќи ја предвид и потребата од зачувување на независното работење на националната централна банка“, се наведува во документот.
Забелешките на ЕЦБ би можеле да ја натераат владејачката коалиција да се откаже од барањето златните резерви формално да се припишат на народот. Предлогот беше поднесен како амандман на буџетот за следната година, но веќе е ублажен за да се избегнат директни критики од европската институција.
ЕЦБ соопшти дека го дала своето мислење по две барања за коментар од италијанското министерство за финансии, испратени на 28 ноември и 1 декември.
Темата за сопственоста на златните резерви се отвора периодично во Италија, особено меѓу политичарите кои бараат нови начини за ублажување на долгот. Но Европската унија доследно се спротивставува на идејата златото да се користи како средство за финансирање на јавниот сектор, бидејќи тоа би ја прекршило забраната централните банки да ги поддржуваат владите.
ЕЦБ ја потсетува Италија дека ниту една централна банка, вклучително и Банката на Италија, не смее да бара или да прима инструкции од владите кога управува со златните и девизните резерви. Дополнително, предупредува дека префрлањето на златото од билансот на централната банка во државниот буџет би претставувало индиректно финансирање на јавните расходи.
Партијата на премиерката Џорџа Мелони веќе направи чекор назад, отстранувајќи ја првичната формулација која директно ја наведуваше државата како сопственик на златните резерви. Сепак, ЕЦБ смета дека секој понатамошен чекор мора да се прави во консултација со Банката на Италија.
Со овој повик, европската институција испраќа силна порака: управувањето со златото е техничко и независно прашање, а не инструмент за дневна политика.