Јапонија на раб на рецесија – страв од нова глобална економска криза

Една од водечките светски економии се соочува со сериозен ризик од длабока рецесија, што ги загрижува инвеститорите и предизвикува страв од евентуално ширење на криза со глобални последици.

Побарувачката за јапонски државни обврзници со рок на достасување од 40 години оваа недела падна на најниско ниво од јули 2023 година. Овој тренд дополнително го разгорува сомнежот во способноста на јапонската влада да го сервисира долгот на долг рок.

Минатата недела, аукцијата на 20-годишни обврзници заврши со катастрофален резултат – најлош од 2012 година. Инвеститорите почнаа масовно да се повлекуваат од купување на нови обврзници, стравувајќи за стабилноста на јавните финансии на земјата.

Криза на довербата и нејзиниот потенцијал за глобален ефект

На социјалните мрежи и јавни платформи, особено на X (поранешен Твитер) и YouTube, сè почесто се појавува наратив дека кризата со јапонските обврзници може да биде почеток на поширока светска должничка криза.

Според американскиот медиум Quartz, предизвиците со кои се соочува Јапонија се предупредување и за други високо задолжени економии, вклучително и САД. Минатата недела и американските пазари беа потресени од слаба побарувачка за американски државни обврзници, како и од економските предлози на Доналд Трамп за нови даночни олеснувања, кои би можеле дополнително да го зголемат буџетскиот дефицит.

Притоа, приносите на американските 30-годишни обврзници се искачија над 5%, додека 10-годишните достигнаа над 4,5%, сигнализирајќи зголемена недоверба кај инвеститорите.

Раст на приносите, пад на интересот

Во Јапонија, приносите на 30- и 40-годишните државни обврзници достигнаа рекордни нивоа од 3,2%, односно 3,5%, што е исклучително високо за земја со децениски ниски каматни стапки. Сепак, дури и со вакви приноси, интересот кај инвеститорите останува слаб.

Банките, осигурителните компании и инвестициските фондови, кои традиционално инвестираа во долгорочни јапонски обврзници, сега се повлекуваат. Четирите најголеми јапонски осигурителни компании неодамна пријавија загуби од вкупно 60 милијарди долари – вклучувајќи и Nippon Life, која сама изгубила околу 25 милијарди долари. Причината е падот на вредноста на обврзниците поради зголемените каматни стапки.

Ризици од структурата на јавниот долг

Јапонија, до неодамна трета најголема економија во светот, и натаму има еден од највисоките јавни долгови глобално – дури 260% од БДП. Централната банка на Јапонија (BOJ) досега купи повеќе од половината од вкупно издадените државни обврзници за да одржи стабилност. Но, BOJ сега се повлекува од политиката на неограничено откупување, принудувајќи ја државата да бара нови купувачи – кои засега не се заинтересирани.

Слаби економски прогнози и растечка несигурност

Јапонската економија паралелно се соочува со раст на инфлацијата, стагнација на платите, пад на реалните примања и забавување на економскиот раст. Сето тоа дополнително ја разнишува довербата во способноста на Владата да управува со долгот на долгорочен план.

Како што предупредува Quartz, кризата во Јапонија може да биде прв сигнал за подлабока системска нестабилност во глобалната економија – особено во државите со високи јавни долгови и зависност од постојана доверба од страна на инвеститорите.