ВИСИНАТА НА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА НЕ Е РЕАЛЕН ОДРАЗ НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД

Од работниците што примаат плата – од минимална до просечна, дури 167 илјади или една третина земаат плата под 30 илјади денари. Најниската исплатена плата во државата изнесува само еден денар, иако, согласно со Законот за минимална плата, не смее да биде исплатена толкава сума. Изразено во бројки, од вкупно 510 илјади работници, 375 илјади примиле плата под просечната, а 135 илјади – плата над просечната. Трендот на раст на просечната плата е континуиран веќе неколку години. Сепак, според податоците од УЈП, може да се заклучи дека растот на просекот се должи на високите плати што ги добиваат менаџерите во некои компании и не се вистински индикатор

Во Македонија, 75 отсто од работниците земаат плата под просечната, а само 25 отсто над просечната, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи. Од работниците што примаат плата – од минимална до просечна, дури 167 илјади или една третина земаат плата под 30 илјади денари. Најниската исплатена плата во државата изнесува само еден денар, иако, согласно со Законот за минимална плата, не смее да биде исплатена толкава сума. Изразено во бројки, од вкупно 510 илјади работници, 375 илјади примиле плата под просечната, а 135 илјади – плата над просечната. Овие износи се евидентирани врз основа на податоците доставени до УЈП преку месечните обрасци за пресметка на плата (МПИН). Станува збор за исплати што се пријавени од работодавците, согласно со законските прописи.

– Ако имате 510 илјади работници во државата, наспроти 60 илјади работодавци, кои, патем, не сите имаат проблем со исплаќањето на платата на работниците. Од таа гледна точка, сметаме дека со незголемувањето на минималната плата и со неприфаќањето на предлогот, директно оштетуваат 167 илјади работници во државата, кои, според УЈП, се со примања под 30 илјади денари. Тоа е огромен број, една третина од вкупниот број работници во државата – вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Меѓу аргументите за зголемување на платите е и синдикалната кошница, која, според пресметките на ССМ, не може да се покрие со две минимални плати. Делот за храна и за пијалаци за едно четиричлено домаќинство е еднаков на една минимална плата.

– Со одбивањето да се зголеми минималната плата, им се прави директна штета на 169.082 работници и на нивните семејства, кои ниту со две плати не може да си дозволат да ги обезбедат најосновните услови за живот на своето семејство, согласно со вредноста на синдикалната минимална кошница, што е загрижувачки – велат од ССМ.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека сè повеќе се зголемува разликата меѓу минималната и просечната плата.

– Има голема разлика во годишните примања на оние што живеат од капитал и на оние што живеат од плата. Поради тоа, државата треба да воведе прогресивно оданочување. Повисока даночна стапка на оние со поголеми примања и поголемо оданочување на приходите од капитал што сега се оданочуваат со 10 отсто, а помало на приходите од плата што се оданочуваат со 50 отсто – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Капитализмот создаде голема разлика во платите, но државата има можности, преку даночната политика, да им префрли поголем дел од товарот на побогатите.

– Ние, во овој момент, го финансираме и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што значи голем дел од буџетот оди за социјални трансфери. Но, кога сме кај даноците, најголемите буџетски приходи се од ДДВ, кој го плаќаат сите. Поради тоа, потребно е со други даноци да се соберат повеќе пари од побогатите, со кои ќе се покријат овие социјални трансфери – вели Димитров.

Статистичките податоци покажуваат дека во јуни најплатени сектори во државава и понатаму биле информациите и комуникациите, финансиските дејности и осигурувањето и рударството. Просечната плата во јуни годинава изнесувала 45.468 денари, која номинално, на годишно ниво, пораснала за 8,4 отсто, а реално за 3,8 отсто. Трендот на раст на просечната плата е континуиран веќе неколку години. Сепак, според податоците од УЈП, може да се заклучи дека растот на просекот се должи на високите плати што ги добиваат менаџерите во некои компании и не се вистински индикатор.