Европската комисија вчера донесе одлука за привремено стапување во сила на трговскиот договор со јужноамериканскиот блок Меркосур, откако истиот беше ратификуван од Аргентина и Уругвај, а наскоро се очекува тоа да го сторат и Бразил и Парагвај.

„Во јануари, Европскиот совет ја овласти Комисијата да го примени договорот пред неговото конечно одобрување штом прва земја од Меркосур го ратификува. Поради тоа, Комисијата сега започнува со негово привремено спроведување“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Европскиот парламент, во јануари, со минимално мнозинство го одобри предлогот со кој се бараше од Судот на правдата на ЕУ да даде мислење дали договорот може да се примени пред целосна ратификација во сите земји-членки и дали неговите одредби ја ограничуваат Европската Унија во спроведувањето на своите политики за животна средина и здравје на потрошувачите.

Со оглед дека на Судот обично му се потребни две години за да издаде мислење, тоа значи дека ратификацијата на договорот е одложена до тогаш, бидејќи Парламентот не може да гласа за него пред одлуката на Судот.

Комисијата сега се определи за привремено стапување во сила, што сигурно ќе предизвика негодување кај Франција, Полска и некои други земји кои стравуваат дека договорот ќе ги загрози нивните земјоделци.

Од друга страна, Германија и Шпанија ја предводат групата земји кои силно се залагаат за имплементација на договор кој обезбедува нови можности за извоз за нивните производи.

Европската Унија и земјите од јужноамериканскиот трговски блок, во јануари, во главниот град на Парагвај, Асунсион, потпишаа историски договор за слободна трговија што опфаќа 700 милиони граѓани.

Пред потпишувањето, земјите-членки на ЕУ, меѓу кои и Хрватска, го поддржаа договорот. Франција, Полска, Австрија, Ирска и Унгарија гласаа против.