Австриското министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите и Австриската амбасада во Македонија денеска и утре во Скопје организираат експертска работилница на тема „Креирање зелени работни места во Северна Македонија – Можности за вработување во контекст на управување со отпад, национални паркови, одржлив туризам и зелена грижа во рурални средини“.
Како што е најавено, работилницата ги обединува клучните институции и експерти за да ги истражат можностите за вработување во секторите кои се од суштинско значење за зелената транзиција. Настанот има за цел да промовира институционална размена и да споделува примери на добри практики од Австрија во областите на управување со отпад, национални паркови, одржлив туризам и зелена грижа во руралните региони.
Дискусиите ќе се фокусираат на улогата на јавните служби за вработување во промовирањето зелените работни места, можностите за вработување создадени преку ефикасни системи за управување со отпад, потенцијалот за воспоставување координативна платформа за националните паркови на Македонија и одржлив туризам и вработување во руралните средини како двигатели на зелениот раст.
Според агендата, денеска воведни обраќања ќе имаат австрискиот амбасадор Мартин Памер, заменик-министерот за економија, Маријан Ристески, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, Град Скопјe, Претседател на ЗЕЛС, градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, како и Харалд Бреза-Фугер, социјално аташе во Австриската амбасада.
За утре се најавени министерот за култура туризам, Зоран Љутков, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, како и Адриан Гасер од Одделот за меѓународен туризам на Австриското министерство за економија, енергетика и туризам кој ќе се обрати онлајн.