Прекините на струја го намалуваат производството и ги кратат државните приходи додека војната влегува во петтата година.
Украинската економија се соочува со најтешкиот период од првите месеци на руската инвазија, откако континуираните воздушни напади го доведоа енергетскиот систем во сериозна криза. Компаниите ја намалуваат продукцијата, а државните приходи опаѓаат.
Од челичарници и рудници до производители на цемент и храна, индустријата е принудена да работи со ограничен капацитет, да ги апсорбира зголемените трошоци и да се прилагодува на непредвидливи исклучувања на електрична енергија, изјавиле директори на осум компании.
Сергеј Пилипенко, извршен директор на „Ковалска груп“, најголемиот украински производител на бетон и градежни материјали, изјавил дека дизел-генераторите не можат да ја покријат целосната работа на големите фабрики. Во одредени периоди, нестабилното снабдување со струја ја намалува продукцијата и до 50 проценти, пренесува Index.hr.
Украинската економија во првата година од војната се намали за речиси една третина и, и покрај скромниот раст во следните години, и натаму е значително помала од предвоениот период. Околу шест милиони луѓе ја напуштиле земјата, а повеќе од три милиони се раселени внатре во Украина.
Месечниот индекс на деловна активност во февруари првпат од 2023 година станал негативен, што укажува на влошување на економската состојба.
Олександр Мироненко од металуршката групација „Метинвест“ истакнал дека долгите прекини на струја го отежнуваат повторното активирање на производството по нападите. Компанијата, под контрола на бизнисменот Ринат Ахметов, е еден од клучните извори на даночни приходи и челик за воените потреби.
Според економистката Наталија Колесниченко од Центарот за економски студии во Киев, побарувачката за енергија во јануари и февруари ја надминала понудата за околу 30 проценти. Министерот за енергетика Денис Шмигал изјавил дека врвната побарувачка достигнала 16,4 гигавати, додека производството било ограничено на 12,3 гигавати, што значи дека земјата мора да увезува речиси 2 гигавати во најоптоварените часови.
Проблемите со струјата веќе ја натераа украинската централна банка да ја намали прогнозата за економски раст за оваа година од два на 1,8 проценти. Инвестициските куќи „Драгон Капитал“ и ICU ги намалија своите проекции уште повеќе – на околу еден процент, односно 0,8 проценти.
Енергетската криза дополнително го оптоварува буџетот. Премиерката Јулија Свириденко изјави дека само во јануари државата изгубила околу 12 милијарди гривни (236 милиони долари) од царински и даночни приходи.
Украина е блиску до договор со Меѓународниот монетарен фонд за нов заем од 8,1 милијарда долари, што би можело да отвори пат за дополнителна помош од Европската Унија во вредност од околу 90 милијарди евра во следните две години.
Дополнителен притисок создаваат Унгарија и Словачка, кои ја блокираат помошта за Киев додека не се обнови транспортот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“. Овие две земји обезбедиле 68 проценти од увезената електрична енергија во Украина овој месец.
Иако компаниите вложиле милиони гривни во резервни извори на енергија (генератори, батерии, соларни панели и гас) истражување на Европската бизнис асоцијација во Украина покажува дека четири од пет компании се погодени од исклучувањата. Половина од нив ја намалиле продукцијата, а повеќе од 60 проценти се жалат на растечки трошоци.