Европскиот парламент денес ги ратификуваше новите прописи на ЕУ за превенирање и редуцирање на остатоците од храна и текстил, како и за циркуларност во автомобилската индустрија. Оваа мерка ќе го опфати целиот “животен циклус” на возилата, од нивниот дизајн до финалниот третман по завршувањето на нивната употреба.
Регулативата за отпад од текстил и храна предвидува редуцирање на отпадот од прехранбени продукти до 31 декември 2030 година за 10 проценти од капацитетите за нивна обработка и продукција, и за 30 проценти од малопродажбата, рестораните, останатите угостителски објекти и домаќинствата.
Овие цели ќе се пресметуваат на ниво на секоја држава членка, базирано на просечната количина на генериран отпад во периодот од 2021 до 2023 година. Во документот исто така се предвидува поттик за економските оператори да ја донираат непродадената храна која е безбедна за консумирање од страна на луѓето.
Во однос на текстилниот отпад, се предвидува производителите да ги покриваат трошоците за собирање, сортирање и рециклирање на отпадниот текстил. Оваа одредба ќе започне да се применува во рок од 30 месеци од стапувањето во сила на директивата. Оваа одредба се однесува за производителите на облека и додатоци, обувки, ќебиња, постелнина, кујнска галантерија и завеси. Земјите од ЕУ можат самостојно да воспостават вакви правила и за производители на душеци.
Секоја година, во ЕУ се создаваат речиси 60 милиони тони отпад од храна, односно 132 килограми по лице, и 12,6 милиони тони текстилен отпад, при што само од облека и обувки се генерираат 5,2 милиони тони отпад или 12 килограми по лице. Се проценува дека во целиот свет во нови производи се рециклира помалку од еден процент од целиот текстил.
Регулативата за автомобилскиот сектор има за цел да го стимулира неговиот премин кон циркуларна економија, преку редуцирање на влијанието врз животната средина поврзано со продукцијата и третманот на возилата по завршувањето на нивното користење, како и зајакнување на одржливоста на индустријата за рециклирање автомобили во Европа. Обврските предвидени со регулативата нема да важат за возилата за специјална намена, оние за потребите на вооружените сили, цивилната одбрана, противпожарните тимови и службите за итна медицинска помош, како и за возила од историски и посебен културен интерес.
Новите возила треба да бидат дизајнирани така што ќе овозможат лесно отстранување на што е можно повеќе нивни делови и компоненти од страна на овластени капацитети за третман, со цел нивна замена, повторна употреба и производство и рециклирање, каде што тоа е технички изводливо. На текстот на Регулативата одобрена од Советот на ЕУ, европратениците усвоија амандмани со кои се предвидува шест години по нејзиното стапување во сила секое ново возило да содржи најмалку 20 отсто рециклирана пластика, во рок од години – 25 проценти.
Со амандманите се воведуваат и построги правила за третирање на возилата по завршувањето на нивното користење, како и за извозот на стари возила, со кои се забранува нивно извезување доколку се смета дека повеќе не се соодветни за користење. Сега Советот ќе треба да се изјасни по новата верзија на Регулативата со амандманите усвоени од ЕП.
Според статистичките податоци, во 2023 година во ЕУ биле произведени 14,8 милиони моторни возила, а регистрирани 12,4 милиони. Активно во просек се користат 285,6 милиони моторни возила, при што секоја година околу 6,5 милиони од нив завршуваат на отпад.