Со измените во Законот за енергетика, државната компанија ЕСМ добива обврска да изгради батериски системи за складирање на електрична енергија, со цел да се обезбеди поголема стабилност на електроенергетскиот систем и подобро управување со вишокот струја од обновливи извори.
Согласно новата регулатива, производителите на електрична енергија од фотоволтаици и други обновливи извори ќе мора да обезбедат складишта со капацитет од најмалку 20 отсто од нивната инсталирана моќност.
АД ЕСМ, во координација со МЕПСО и Министерството за енергетика, веќе е во постапка за обезбедување заем од Европската банка за обнова и развој, наменет за проектот „Систем за батериско складирање на електрична енергија“. По завршување на проектната документација, ќе следува јавен повик за избор на изведувач.
Евтината струја ќе се чува, а ќе се продава кога цената е повисока
Со батериските системи, ЕСМ ќе има можност да складира електрична енергија произведена со пониски трошоци во попладневните часови и да ја продава во периоди кога пазарната цена е повисока. Продажбата ќе се одвива преку фирмата ќерка – ЕСМ Продажба.
„Ние како МЕПСО ќе управуваме со системот во делот на балансирањето – ќе интервенираме кога ќе има несогласување помеѓу побарувачката и понудата на струја. Сето останато ќе биде на ЕСМ, која ќе ја продава електричната енергија“, изјави Александар Пауноски, заменик-директор на МЕПСО.
Решение за преоптоварената мрежа
Македонија последниве години бележи нагло зголемување на бројот на фотоволтаични електрани, но електроенергетската мрежа не е доволно подготвена да ја апсорбира сета произведена енергија. Затоа, надлежните институции го гледаат решението во системите за складирање, кои ќе овозможат целосна искористеност на обновливите извори.
Секој инвеститор кој ќе изгради батериски систем – таканаречен „сториџ“, ќе може да учествува на слободниот пазар како оператор на складиште, со можност за купопродажба на струја во периоди на ниска или висока побарувачка.
Енергетската асоцијација веќе предупреди дека неконтролираниот пораст на инсталирана моќност од обновливи извори може да го загрози преносниот систем, и побара законско регулирање на складирањето на електричната енергија.
Поголем интерес, но и повеќе предизвици
Нагласено зголемениот интерес за изградба на нови капацитети доведе до низа предизвици: недоволна мрежна инфраструктура, тешкотии при добивање приклучоци, проблеми со пласманот на струјата и со балансирањето на системот.
Складирањето на енергија, како ново регулирана дејност, веќе е дел од законската рамка. Но, со порастот на инвестициите во батериски системи, се јави потреба за дополнителна прецизност во законските решенија – кои субјекти, во кои услови и на кој начин ќе можат да ги користат складиштата за електрична енергија.