Европската комисија денес префрли 51,7 милиони евра повластени кредити во државната каса на Србија, што претставува дел од однапред обезбедените средства предвидени во Планот за раст за Западен Балкан, објави Делегацијата на ЕУ во Србија.

Во соопштението се посочува дека уште 59 милиони евра однапред обезбедени средства, во вид на донации и кредити, ќе бидат дистрибуирани преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) со цел подобрување на инфраструктурата низ целата земја.

Ова однапред обезбедување финансиски средства сочинува 7 проценти од целокупната финансиска поддршка наменета за Србија во рамките на Планот за раст на ЕУ.

Исплатата на однапред обезбедените средства следуваше откако српскиот Парламент го одобри договорот за инструментот и договорот за заем во рамките на Инструментот за реформи и развој.