Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ иницираше промена на Регулативата за царини. Со оваа измена би се укинала тековната регулатива за ослободување од царински давачки при увоз на стоки од трети земји во Унијата, чија вредност е до 150 евра.

Според предлогот на министрите за финансии на земјите членки на ЕУ, ваквата одлука би требало да биде усвоена “што е можно побрзо” за да може да стапи во сила уште во текот на 2026 година.

Во реалноста, тоа ќе значи дека по одобрувањето на измените, жителите на ЕУ за секоја нарачка од кинеските сајтови за електронска трговија, како Тему, Шеин или Али Експрес, ќе мора да плаќаат царини според утврдените царински давачки што важат за сите стоки кои се увезуваат во Унијата. Моментално, за пакети на производи во вкупна вредност до 150 евра нарачани преку кинеските онлајн продавници, жителите на ЕУ не плаќаат царини.

Првично беше планирано ова правило да биде укинато по стапувањето во функција на Царинскиот центар на ЕУ. Станува збор за централизирана платформа на ЕУ за интеракција на царинските управи на земјите членки и за зајакнување на контролите на увозот на стоки, која се очекува да започне со работа во 2028 година во рамки на пошироката реформа на Царинската рамка на ЕУ.

Во објаснувањето на Советот за предлагање на измените на правилото за наплата на царини се наведува дека на овој начин ЕУ има за цел да создаде “еднакви услови” за работа помеѓу странските и европските онлајн трговци на мало.

Според податоците на Европската комисија, во 2024 година 65 проценти од 4,6-те милијарди пратки кои влегле во ЕУ биле ослободени од царински давачки, при што дури 91 отсто од нив отпаѓале на стоки од Кина нарачани преку сајтовите за е-трговија.

Европските трговци тврдат дека ваквата пракса им создава проблем со нелојалната конкуренција, а дополнително предизвикува и загриженост за заштитата на животната средина.