Расходите за воена опрема во Европската унија оваа година ќе достигнат нов максимум од 381 милијарда евра, соопшти Европската агенција за одбрана (ЕДА), пренесе БТА.
Минатата година тие достигнаа 343 милијарди евра, што претставуваше рекордно ниво во споредба со 2023 година, според најновите информации објавени од агенцијата на ЕУ за одбранбени прашања.
“Европа издвојува рекордни суми за својата одбрана, за да ја гарантира безбедноста на нашите граѓани, и нема да застанеме тука,” изјави шефицата на дипломатијата на Европската унија Каја Калас, која раководи со ЕДА.
Оваа година приближно 130 милијарди евра беа наменети за инвестиции, како на пример ново вооружување.
Европските држави драстично ги зголемија своите воени издатоци по анексијата на Крим од страна на Русија во 2014 година, а темпото дополнително се интензивираше по инвазијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година.
Земјите-членки на НАТО, од кои 23 се исто така членки на ЕУ, исто така донесоа одлука дополнително да ги зајакнат своите напори, со тоа што ќе одвојуваат најмалку пет проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за безбедност во следните десет години, од кои 3,5 отсто за воени трошоци.
За да се реализира таа цел, “ќе мора да се удвојат напорите и да се трошат вкупно над 630 милијарди евра годишно” во ЕУ, изјави Андре Денк, извршен директор на ЕДА.