ЕУ и Австралија постигнаа договор за слободна трговија со укинување царини и обезбедување клучни суровини за европската индустрија.

По години интензивни преговори, Европската Унија и Австралија постигнаа договор за слободна трговија. Претседателката на  Европската комисија,  Урсула фон дер Лајен, и австралискиот премиер Ентони Албанезе го потпишаа договорот во Канбера. Со него, Унијата обезбедува стратешки пристап до клучни суровини, а двете страни укинуваат царини и ги олеснуваат трговијата и меѓусебните инвестиции.

Стратешки суровини и нови можности за европската индустрија

Фон дер Лајен во гостински текст за неколку европски весници потсети дека Австралија е „најголемиот светски снабдувач со литиум и располага со суровини од пресудно значење за чистите технологии на иднината – од електричните автомобили во Шпанија до офшор ветерните турбини во Балтичкото Море“.

Со договорот се укинуваат царините не само за суровините, туку и за преработените производи, што ќе придонесе за посигурни и подостапни снабдувачки синџири.

Поголема независност од Кина

ЕУ сака значително  да ја намали зависноста од Кина,  која во моментов го обезбедува најголемиот дел од европскиот увоз на суровини и поседува бројни патенти за нивна обработка. Целта, како што нагласува фон дер Лајен, е „да се спречи која било земја да го користи пристапот до енергија, полупроводници или ретки минерали  како оружје за уцена или економски притисок“.

Во спротивна насока,  ЕУ извезува машини, хемикалии  и компоненти за транспортниот сектор во Австралија — области во кои германската машинска и хемиска индустрија ќе биде меѓу најголемите добитници.

Следни чекори: правна проверка и ратификација

Постигнатиот трговски договор влегува во фаза на детална правна проверка, што обично трае неколку месеци. Потоа ќе биде преведен на сите 24 службени јазици на  ЕУ.

За да стапи во сила, договорот мора да биде ратификуван од  Европскиот парламент  и од Парламентот на Австралија.