На 17 декември 2025, Еврокомесарката за проширување Марта Кос присуствуваше на потпишувањето на трите билатерални оперативни договори со кои се зајакнува царинската соработка меѓу царинските управи на Албанија, Молдавија и Северна Македонија со Грција, Бугарија и Италија. Меморандумите имаат за цел да го намалат времето на чекање на граничните премини и да го олеснат движењето на стоки.
Меморандумите се дел од Планот за раст на ЕУ за Молдавија и Иницијативата „Зелени ленти“ на ЕУ и Западен Балкан, предводена од Транспортната заедница и Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
Трите нови договори се темелат на постојните билатерални меморандуми што се веќе во сила на другите граници меѓу партнерите во регионот. Одредбите за размена на царински податоци меѓу земјите од ЕУ и земјите надвор од ЕУ можат да стапат на сила само откако ќе се воспостави потребната правна рамка на ЕУ и ќе почне да важи Царинската реформа на ЕУ.
Паралелно, ЕУ исто така става 54 милиони евра на располагање за да се вложат во 11-те приоритетни гранични премини, со што се обезбедува непречен проток на стоки. Ова е конкретен чекор кон постепена интеграција на партнерите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ, како што е предвидено со Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година.
Воспоставувањето на Зелените ленти на границите со ЕУ го приближува регионот до ЕУ. Ваквиот вид гранични премини се чекор напред кон уште подобро управување со границите и доведуваат до намалување на времето на чекање за патниците и товарот.
Дополнителни информации
Во рамките на регионот, на граничниот премин Прешево-Табановце помеѓу Србија и Северна Македонија беше отворена првата приоритетна лента за камиони, како дел од Зелените ленти во Западен Балкан. Лентата служи како зелен коридор за договорената приоритетна листа на стоки. Воспоставувањето на солиден функционален систем на овој премин беше олеснето со таканаречениот модел „едно запирање“ (one-stop-go), воведен во 2021 година, кој сега е во функција во двата правци. Времето на чекање е намалено, додека извозот, увозот и транзитот на стоки се забрзани.
Во 2022 година почна да функционира првиот граничен премин со Зелена лента помеѓу Западен Балкан и ЕУ – преминот меѓу Грција и Северна Македонија. Размената на информации со Грција пред самото пристигнувањето овозможува целно-насочени процени на ризикот и побрзи проверки. Со ова се отворија можностите за понатамошно проширување на иницијативата за Зелени ленти и во други земји-членки на ЕУ.