Европската Унија призна дека нема можност да го исполни ветувањето дадено на претседателот на САД, Доналд Трамп, за дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија, пишува Politico.

Овие средства треба да дојдат исклучиво од приватни европски компании, а не од јавни фондови на Унијата, потврдија два високи претставници на Европската комисија. Брисел нема овластување да им наложи на приватните компании каде и колку да инвестираат.

Договорот помеѓу Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со кој се избегна целосна трговска војна, вклучува ветување за дополнителни 600 милијарди долари европски инвестиции во САД во наредните години. Сепак, Комисијата не понуди никакви поттикни мерки ниту јасен временски рок за остварување на ова ветување.

Стручњаците се скептични дека приватниот сектор може да реализира ваков обем на инвестиции, истакнувајќи дека ЕУ не може да им нареди на компаниите колку да вложуваат.

Овие инвестиции би биле дополнување на постојните приватни европски инвестиции во САД, кои моментално изнесуваат околу 2,8 трилиони долари и вработуваат околу 3,4 милиони луѓе.

Во рамки на договорот, Трамп се откажа од заканата за воведување царини од 30% на увозот од ЕУ и се согласи на пониска стапка од 15%.