Европската унија минатата година за првпат произведе повеќе електрична енергија од ветер и сонце отколку од сите фосилни горива заедно, покажува најновиот извештај на истражувачкиот центар „Ембер“.
Според податоците, во 2025 година од обновливи извори – пред сè ветер и сонце – биле произведени 30 отсто од вкупната електрична енергија во ЕУ, додека уделот на јагленот, нафтата и гасот изнесувал 29 отсто.
Аналитичарката на „Ембер“ и авторка на извештајот, Беатрис Петровиќ, истакнува дека Европската унија мора да продолжи со инвестиции во обновливи извори, батериски системи и електроенергетска мрежа за да се стабилизираат цените и да се намали зависноста од скап увоз на гас.
Најголем придонес во растот има соларната енергија, чиј удел достигнал 13 отсто од вкупното производство, со што за првпат ги надмина јагленот и хидроенергијата. Во соларните електрани во 2025 година се произведени рекордни 369 терават-часови електрична енергија, што е зголемување од 20 отсто во споредба со 2024 година.
Растот на соларната енергија е регистриран во сите земји членки на ЕУ, а во Унгарија, Кипар, Грција, Шпанија и Холандија таа обезбедила повеќе од една петтина од вкупната електрична енергија. Во 14 од 27 земји членки, производството од ветер и сонце го надминало она од фосилни горива.
Вкупно, обновливите извори учествувале со 48 отсто во енергетскиот микс на Унијата. Сепак, поради неповолните временски услови, производството од хидроенергија е намалено за 12 отсто, а од ветер за два отсто. Истовремено, производството од гас е зголемено за осум отсто, што резултирало со удел од 16,7 отсто во вкупното производство.
И покрај тоа, ветерната енергија останува втор најголем поединечен извор на електрична енергија во ЕУ со 17 отсто удел, веднаш по нуклеарната енергија со 23,4 отсто. Производството од јаглен паднало на историски минимум од 9,2 отсто, а во 19 земји членки неговиот удел бил под пет отсто.
Од „Ембер“ предупредуваат дека Европската унија и понатаму останува значително зависна од гасот. Поради намаленото производство од хидроенергија, во 2025 година се зголемил увозот на гас, што довело до раст на трошоците за 16 отсто и до ценовни шокови на пазарите на електрична енергија.
Тинк-тенкот посочува дека во услови на геополитичка нестабилност, ЕУ мора сериозно да инвестира во домашни обновливи извори за да го намали ризикот од „енергетска уцена“ од извозниците на фосилни горива.
Во извештајот се потсетува и дека Унијата најави целосна забрана за увоз на руски гас до крајот на 2027 година, но предупредува дека растот на увозот на течен природен гас од САД може да создаде нова форма на зависност.
„Преголемото потпирање на еден снабдувач ја загрозува енергетската безбедност на ЕУ и ја ослабува нејзината преговарачка позиција“, наведуваат од „Ембер“.
Инвестициите во батериски системи, модернизација на електромрежата и зголемување на флексибилноста на потрошувачката се клучни за понатамошно зголемување на уделот на соларната и ветерната енергија, подобра енергетска безбедност и постабилни цени, заклучува извештајот.