Европа се соочува со невидена навалица од мали пратки од Кина – дури 12 милиони пакети дневно, најчесто со облека, козметика и играчки купени преку платформите Shein и Temu, покажуваат податоците на Европскиот економски и социјален комитет (ЕГСО). Минатата година во ЕУ влегле 4,6 милијарди такви пратки, а оваа бројката може да ја надмине границата од 6 милијарди.
ЕГСО предупредува дека ваквата динамика претставува директна закана за европската трговија, работните места и здравјето на потрошувачите. „На удар сме од цунами,“ изјави Емили Прузет од француската работодавачка асоцијација MEDEF, додавајќи дека европските институции едноставно не успеваат да го следат темпото на кинеските платформи.
Европските трговци тврдат дека Shein и Temu имаат нереално ниски цени поради тоа што не ги применуваат европските индустриски, еколошки и здравствени стандарди. Производите што се продаваат преку нивните апликации често избегнуваат тестирања задолжителни во ЕУ, а компаниите немаат обврска да ја рециклираат вратената стока.
Финската федерација на трговци наведува дека многу артикли се до 40% поевтини од оние во продавниците во земјата. Но, поевтиното носи сопствени ризици: финските инспектори утврдиле дека 90% од тестираниот увоз од платформите не ги исполнува европските стандарди, а половина од тие производи биле опасни.
Слични алармантни резултати доаѓаат и од Франција, каде при инспекција на 200.000 пакети од Shein, дури 80% не биле во согласност со стандардите на ЕУ.
Покрај здравствените и безбедносните ризици, голем проблем е и фактот што на мали пратки до 150 евра не се плаќа царина, што резултира со милионски загуби за европските земји. Во Финска бројот на вакви пратки пораснал од еден милион на 50 милиони за само три години.
Европските институции предупредуваат дека системот не може да го контролира огромниот прилив на милионски индивидуални пратки, бидејќи увозник е самиот потрошувач, а не компанија. За разлика од големите контејнери, кои се тестираат на граничните премини, малите пакети практично се непрегледливи.
Сепак, Европската комисија најавува дека ќе воведе построги контроли и дека ослободувањето од царина за пакети до 150 евра ќе биде укинато, што би требало да ја намали навалата на евтин увоз и да ги заштити европските потрошувачи и трговци.
Европските власти бараат решението да почне уште во Кина – со проверка на стоката пред да се испрати кон европскиот пазар. Останува да се види дали Пекинг ќе биде подготвен на такви компромиси.