Во последните години, приливот на дознаки во Србија изнесуваше околу пет милијарди евра годишно. Ова го потврдуваат најновите податоци од Народната банка на Србија (НБС), кои покажуваат дека за 10 месеци од 2025 година, по оваа основа се примени 4,34 милијарди евра, што е за 4,5 проценти повеќе во однос на истиот период од претходната година, кога приливот изнесуваше 4,15 милијарди евра, објавува НБС.
За споредба, приливот на странски инвестиции во првите девет месеци изнесуваше 2,5 милијарди евра бруто или 1,5 милијарди евра нето. Граѓаните кои примаат дознаки трошат сè помалку од тие пари за тековна потрошувачка, а сè повеќе ги насочуваат кон инвестиции, првенствено во станови, куќи и земјиште, но и во претприемништво и штедење.
Поголемиот дел од парите во Србија сè уште доаѓаат од Германија, со учество од 24,6 проценти. Околу 1,07 милијарди евра се испратени само од Германија оваа година на име дознаки.
Втора е Швајцарија (11,7 проценти), потоа Австрија (8,6 проценти), Соединетите Американски Држави (6,8 проценти) и Хрватска (6,5 проценти), а тоа се земјите од кои традиционално во Србија пристигнува најголемиот дел од дознаките.
Движењата во Србија се вклопуваат во пошироката слика за паричните текови меѓу Европската Унија и другите европски земји. Според најновите податоци на Евростат, домаќинствата со живеалиште во ЕУ испратиле вкупно 52,1 милијарди евра лични трансфери до домаќинства надвор од Унијата во 2024 година, што е за шест проценти повеќе од претходната година. Во исто време, приливот на лични трансфери до домаќинствата во ЕУ изнесувал 14,8 милијарди евра, со годишен раст од седум проценти.
Во последните пет години има силен раст на нето одливот на пари од ЕУ. Одливот на лични трансфери се зголемил за 51 процент, додека приливот растел многу побавно – за 26 проценти. Затоа, негативното салдо на ЕУ кон земјите надвор од Унијата достигнало 37,3 милијарди евра во 2024 година, што укажува дека ЕУ станала сè поголем нето извор на дознаки за остатокот од светот.
Гледано во апсолутни бројки, најголемите економии што придонесоа за одлив на лични трансфери и бенефиции за вработените во 2024 година, во рамките на ЕУ и во земји надвор од ЕУ, беа Германија (13 проценти од вкупните одливи на сите земји од ЕУ), Франција (11 проценти), како и Луксембург и Холандија (двете со по 10 проценти).
Mеѓу земјите од ЕУ, Хрватска, Латвија и Луксембург беа најзависни од приливот на лични трансфери и бенефиции за вработените во 2024 година. Степенот на зависност се мери според уделот на приливите врз основа на лични трансфери и бенефиции за вработените во однос на БДП на одредена земја. Според овој индикатор, според Евростат, највисок степен на зависност во ЕУ во 2024 година е забележан во Хрватска (7,2 проценти од БДП), Латвија (3,1 процент од БДП) и Луксембург (2,7 проценти од БДП). Најмалку зависни беа Ирска (0,1 процент од БДП), Грција (0,2 проценти од БДП) и Финска (0,3 проценти од БДП).
За споредба, земјите од Југоисточна Европа кои не се членки на ЕУ покажаа значително поголема зависност од овој извор на приход, па така приливот на лични трансфери и бенефиции за вработените во Босна и Херцеговина изнесуваше 11 проценти од БДП, во Црна Гора 10,3 проценти од БДП), во Албанија 8,4 проценти и во Србија 6,4 проценти од БДП.
Според Евростат, личните трансфери се во суфицит во девет земји од ЕУ, а најголемо релативно значење имаат во Хрватска, каде што суфицитот е 2,6 проценти од БДП, Бугарија (1,3 проценти) и Португалија (1,2 проценти). Од друга страна, Малта, Кипар, Белгија, како и Грција, Шпанија и Франција бележат најголеми дефицити во однос на големината на економијата, пренесува Еуроњуз.