Додека се исчекуваат исходите од трговските разговори помеѓу ЕУ и САД, претставници на Унијата вчера одржаа прикриен состанок на кој беше дефиниран став дека блокот би можел да се сложи со почетна давачка за пласман на европските производи на американскиот пазар во висина од 15 отсто, објави бриселскиот портал „Еурактив“.

Според информациите на медиумот, кој се смета за добро упатен во однос на работењето на институциите на ЕУ, на состанокот било решено да се прифати и данок од 50 проценти за пласманот на европскиот челик во САД, но за возврат да се бараат бенефиции во други области.

Пред извесен период, извори од ЕК информираа дека Унијата, која дотогаш јавно се залагаше за политика на “нула за нула” давачки во трговијата со САД, би се согласила на основна царинска стапка од 10 отсто за европскиот извоз на американскиот пазар, следејќи го моделот на трговскиот договор меѓу Вашингтон и Лондон.

Дипломатски извори во ЕУ тврдат дека САД се близу до спогодба за давачки од 10 отсто и со Јапонија, стапка која единствено не би важела за оризот.

Американската администрација на почетокот на месецов соопшти дека одлучила да го одложи воведувањето на општата давачка од 30 отсто за увозот на европски производи до 1 август, оставајќи простор за договор во трговските преговори што се во тек меѓу САД и ЕУ.

Во исто време, ЕК најави свој пакет на противмерки, доколку САД на 1 август сепак ја воведат планираната царинска стапка.

Ваквото соопштение на ЕК повеќе се толкува како обид за извршување на притисок врз САД да се откажат од воведувањето на давачките од 30 отсто.