Речиси три четвртини од граѓаните на ЕУ сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Европската Унија, а во исто време поддршката за еврото и за заедничката европска одбрана и безбедност е на највисоки нивоа забележани досега, покажуваат резултатите од најновото истражување на Евробарометар „Есен 2025“.

Според овие резултати, 74 проценти од Европејците изјавиле дека нивната земја имала корист од членството во ЕУ, 21 отсто се на ставот дека немала корист, а пет проценти немаат мислење.

Од друга страна, довербата во ЕУ имаат само 48 отсто од испитаниците, 45 проценти не ѝ веруваат, а седум отсто не се изјасниле.

Целосно позитивно мислење за ЕУ имаат 42 проценти од испитаниците, целосно негативно мислење има 19 отсто, 38 проценти имаа неутрално мислење, а еден отсто немаат никакво мислење.

Сепак, 59 проценти од европските граѓани се оптимисти за иднината на ЕУ, 38 отсто се песимисти, а само три проценти немаат мислење за идната перспектива на блокот.

Дури 73 отсто од анкетираните изјавиле дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ.

Над две третини од испитаниците или 67 проценти се согласуваат дека Европската Унија е место на стабилност во еден проблематичен свет, при што 83 отсто веруваат дека ЕУ треба да ги диверзифицира трговските односи на глобално ниво, а 79 проценти дека е потребна заедничка одбранбена и безбедносна политика меѓу земјите членки.

На прашањето која активност на ЕУ има најголемо позитивно влијание врз животот на европските граѓани на краток рок, 42 отсто се изјасниле за обезбедувањето мир и стабилност, далеку пред создавањето повеќе можности за работа со 26 проценти, овозможувањето храна и здравствена заштита со 25 отсто и справувањето со нерегуларната миграција со 24 проценти.

Кога станува збор за приоритетите во буџетот на ЕУ, 42 отсто од граѓаните би сакале најмногу средства да се трошат за вработување, социјална заштита и јавно здравство, 36 проценти за образование, млади, култура и медиуми, а 35 отсто за одбрана и безбедност.

Истражувањето бележи и рекордна поддршка за еврото која достигна 74 отсто во сите земји опфатени со анкетата, а 82 проценти во државите од Еврозоната.

Испитаниците се поделени кога станува збор за состојбата на европската економија, па така 46 отсто изјавиле дека таа добра, а ист толкав процент дека е лоша. Сепак, 49 отсто сметаат дека економска ситуација ќе остане стабилна во следните 12 месеци.

На прашањето кои се главните предизвици со кои се соочува ЕУ, 26 проценти се изјасниле за руската инвазија врз Украина, 20 отсто за миграцијата, 19 проценти ја посочиле меѓународната ситуација, а 18 отсто го посочиле зајакнувањето на безбедноста и одбраната.

Вкупно 77 проценти од Европејците сметат дека руската инвазија врз Украина е закана за безбедноста на ЕУ.

Дури 81 отсто од анектираните се согласуваат со ставот дека ЕУ треба да ги прифати луѓето што бегаат од војната во Украина, а 77 проценти го поддржуваат давањето финансиска и хуманитарна помош на земјата. Вкупно 73 отсто од испитаниците ги поддржуваат санкциите воведени кон Русија, а 57 проценти се согласуваат со користење на европски средства за купувањето и снабдувањето со воена опрема за Украина. Поддршка за доделувањето статус на земја кандидат за членство во ЕУ на Украина поддржуваат 59 отсто од анкетираните.

Истражувањето на Евробарометар „Есен 2025“ е спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември во сите 27 земји членки, при што вкупно биле анкетирани 26.445 граѓани на ЕУ. Интервјуа биле спроведени и во девет земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, сите освен Украина, како и во Велика Британија.