За помалку од 24 часа државава се задолжи за една милијарда евра со нова еврообврзница и експресно се раздолжи со 700 милиони евра за еврообврзницата земена во 2020 година. Ваквиот спринт во враќањето на стариот долг кој редовно доспеваше во јуни годинава е со цел да се направат заштеди, со кои пак ќе се покријат дел од трошоците за издавањето на новава еврообврзница. Новата и во поголем дел потрошена обврзница е поделена на два дела, односно со различно време на доспевање. 500 милиони евра ќе треба да вратиме за четири години со годишна камата од 3,875 отсто, а 500 милиони евра ќе ги вратиме за осум години, со годишна камата од 4,75 отсто. За министерката за финансии, купонските камати што вчера се постигнаа се исклучително добро постигнување за државата на меѓународните финансиски пазари.

„Ваквата структура овозможува оптимално распоредување на обврските во среден и долг рок, како и дополнително намалување на ризиците поврзани со рефинансирањето. Особено значено е што успеавме да пласираме осумгодишна обврзница, доспевање кое последен пат беше постигнато пред повеќе од 20 години. Ова претставува силен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики, реформската агенда и стабилноста на земјата.“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

За министерката, освен каматите, кои се исклучително добри и со историски најмала маргина, со што државата најмалку ќе плаќа над годишниот еурибор кој е европската референтна камата, добро е и тоа што за прав пат кај осумгодишната еврообврзница како купувач се јавил еден од најголемите пензиски фондови во Соединетите Американски Држави. Ова, како и огромниот број на реномирани инвеститори, за Димитриеска – Кочоска е показател дека со обврзницата поретко ќе се тргува на секундарниот пазар.

Но, денеска на пресот дознавме и дека оваа година ќе треба да се вратат стари обврски од една милијарда и 563 милиони евра, а во наредните пет години вклучувајќи ја и 2026, ќе треба да се сервисира долг од осум милијарди и 804 милиони евра, што е над две милијарди евра повеќе отколку што се предвидуваше кон средината на минатата година. За министерката, нема мистериозно зголемување на обврските.

„Ние имаме само повеќе од две милијарди одобрени кредити, кои што се уште не се пласирани. Кредити одобрени од 2019, 2018, со слаби реализации, но тие договори не се прекинати. И тие ги предвидуваме сега во овој период согласно динамиката. Ако во претходната фискална стратегија не сме можеле да ги предвидиме бидејќи динамиката на реализација била послаба, сега веќе во оваа фискална стратегија сме ги предвиделе и тие. Тие ја менуваат структурата.“, порача Гордана Димитриеска Кочоска.

Според информациите, во текот на оваа година се планира уште едно задолжување на меѓународниот пазар, за да може да се сервисираат сите преземени и доспеани обврски.