Трговците во најголемите инвестициски банки во Европа ги објавија своите најдобри резултати во последната деценија во првиот квартал од оваа година, благодарение на интензивното тргување предизвикано од потезите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со царините, објави Фајненшл тајмс. Швајцарската УБС, француските банки БНП Парибас и Сосиете женерал, британската Берклис и германската Дојче банк заедно остварија приход од 13 милијарди евра од тргувањето со акции и обврзници. Ова е нивниот највисок комбиниран приход од 2015 година. Откако дојде во Белата куќа во јануари, Трамп предизвика големи флуктуации во вредноста на акциите, обврзниците и девизниот пазар со својата неизвесна економска политика.

„Нестабилноста на пазарот во голема мера ги поддржува банкарските операции во тој сегмент, како што беше случајот и со нас“, рече извршниот директор на „Сосиете женерал“, Славомир Крупа.

Во првиот квартал, приходите на УБС во трговскиот сегмент се зголемија на годишна основа за речиси една третина, достигнувајќи 2,3 милијарди евра. Најголемата француска банка БНП Парибас забележа рекордни квартални приходи од 2,8 милијарди евра.  Дојче банк повеќе не се занимава со тргување со акции, но нејзините приходи од тргување со обврзници, валути и стоки се зголемија за 17 проценти, додека кај Берклис овој раст изнесуваше 21 процент. Во овој сегмент, тие ги надминаа своите американски конкуренти, пренесува Кликс.ба.