STOXX 600 во плус четврта недела по ред, јапонската економија порасна за 0,2% во последниот квартал
Европските берзи утрово бележат раст, додека инвеститорите ги очекуваат новите економски показатели и кварталните резултати на компаниите. Истовремено, Јапонија забележа минимален економски раст во последниот квартал, со што избегна техничка рецесија.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции околу 9:30 часот беше во плус од 0,3 проценти, со што позитивниот тренд продолжува четврта недела по ред.
Лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,17 проценти, на 10.465 поени, франкфуртскиот DAX за 0,37 проценти, на 25.005 поени, додека парискиот CAC за 0,19 проценти, на 8.325 поени.
Растот на индексите најмногу се должи на закрепнувањето на финансискиот сектор, каде цените на акциите утрово во просек пораснале за 1,8 проценти, додека во осигурителниот сектор растот изнесува околу 1 процент.
И на повеќето азиски берзи е забележан раст. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во плус од 0,4 проценти. Акциите во Австралија, Индија и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,1 и 0,5 проценти, додека во Јапонија паднаа за 0,2 проценти. Во Кина, Јужна Кореја и Тајван не се тргува поради Лунарната Нова година.
Во фокусот на инвеститорите е податокот дека јапонскиот бруто домашен производ (БДП) во последното тримесечје од минатата година пораснал за 0,2 проценти на годишно ниво, што е значително помалку од очекувањата. Сепак, со овој минимален раст економијата избегна рецесија.
Инвеститорите очекуваат евентуални нови економски мерки од јапонската влада, вклучително и можни даночни олеснувања и зголемување на јавните инвестиции, што би можело да влијае врз движењата на берзите во наредниот период.