Превентивни совети на владите во ЕУ-членките до своите граѓани во време на тензии и финансиски ризици

  • Данска е меѓу европските земји што препорачуваат поседување готовина и повеќе опции за плаќање од страна на граѓаните, за да бидат подготвени за кризни ситуации и можни сајбер или технички застои. На пример, Националната банка на Данска препорачува дека „готовината треба да се врати во паричникот“, а дава и низа препораки до бизнисите за да бидат што е можно подобро подготвени во случај на криза

По препораките на Европската централна банка жителите на Европската Унија секогаш да имаат готовина на располагање, деновиве со конкретни насоки излегоа и првите луѓе на Националната банка на Данска. Оваа институција децидно им препорачува на данските граѓани поседување готовина, а и повеќе опции за начини на плаќање, за да бидат подготвени за кризни ситуации и можни сајбер или технички застои.
„Готовината треба да се врати во вашиот паричник“, нагласува Националната банка на Данска, која сега дава препораки и до граѓаните и до бизнисите да бидат што е можно подобро подготвени во случај на криза. На пример, криза може да се случи поради хакерски напад врз т.н. „критична инфраструктура“ или поради голем технолошки дефект.

– Живееме во време кога населението мора да се подготви за можни дефекти од сите видови – вели Улрик Нодгард, директор на Националната банка на Данска.

Ова е очигледно и од претходните настани, како што е дефектот на системот на компанијата за плаќање „Нетс“ на почетокот на изминатото лето, што го парализираше целото Кралство Данска цели три часа. Доколку се случи вакво нешто повторно, Националната банка сега однапред дава совети за тоа како треба да се подготват граѓаните и бизнисите.

Секогаш на располагање пари во готовина!

Препораките не се ненадејни – неколку извори предупредуваат дека треба да се биде подготвен доколку земјата евентуално се соочи со голем предизвик.
За издвојување е дека и директорот на данската разузнавачка служба Томас Аренкиел додава масло на оганот во врска со стравувањата што ги истакнува данската влада.
– Се води хибридна војна против Данска – рече директорот на данската разузнавачка служба.
Тој, како и данската Влада, ја лоцира причината.

– Заканата од Исток врши притисок врз сè, од банки до водоводни системи, важноста на подготовката за непредвидени ситуации расте – рече директорот на данската разузнавачка служба Томас Аренкиел.
И Европската централна банка предупреди дека ниту еден систем, вклучувајќи ги и дигиталните плаќања, не е без слабости.

Поради зголемените тензии и сè почестите прелети на неидентификувани беспилотни летала во воздушниот простор на членките на Европската Унија и НАТО, централните банки ги забрзуваат подготовките за кризни ситуации.

Деновиве Европската централна банка (ЕЦБ) објави студија од своите аналитичари Франческо Фаело и Алехандро Замора-Перез, која привлече внимание со насловот „Останете смирени и носете готовина“. Аналитичкото истражување посочи дека и „обичен“ прекин на електричната енергија може да го парализира финансискиот систем на една земја и да ги остави граѓаните без пари.
Ширењето на гласините за „закана од воени конфликти“ го множи проблемот на незамисливи нивоа.

Нагло повлекување средства од банките

За централните банки, проблемот е да се обезбеди доволно количество готовина на краток рок. Војната во Украина е еден пример за нагло повлекување средства од банките. Имено, бројот на подигање готовина значително по­расна во Естонија, Летонија, Литванија, Словачка и во Финска, а се проценува дека дополнителни 211 милиони евра се повлечени од банките по почетокот на војната – најмногу во првите три недели.

Брзањето на граѓаните кон банките за да подигнат готовина веднаш по почетокот на војната ги надмина сите предвидувања на банките за потребното количество готовина што мора да го обезбедат. За илустрација, само за еден ден на крајот на февруари 2022 година граѓаните во земјите најблиску до Украина и руската граница подигнаа 80 милиони евра од своите сметки.

Фаел и Замора-Перез истакнаа дека таков долгорочен раст на побарувачката за физички банкноти е особено изненадувачки со оглед на тоа што балтичките и северноевропските земји се инаку високодигитализирани и во голема мера зависни од системи за безготовинско плаќање. Сепак, зголемен број на подигнувања е забележан и во Германија и Австрија.

– Како и со секоја друга подготовка за непредвидени околности, така и во случај на недостапност на електронско плаќање, препорачливо е внимателно да се испланира одредено количество готовина што би било достапно за основните потреби, во согласност со индивидуалните околности, животните навики и дневните трошоци на поединецот или домаќинството – даде мислење на оваа тема Централната банка на американската сојузна држава Северна Каролина.

Граѓаните веќе интуитивно знаат дека во кризни ситуации секогаш е корисно да имаат готовина со себе, а владите, централните банки и деловните банки мора да најдат одговор на зголемената побарувачка на граѓаните и да ги одржат функционалните трансакции на плаќање.
Како граѓаните се однесуваат во кризни ситуации е испитувано во повеќе истражувања, но конкретно однесување точно не може да се предвиди.

Еден пример за нагли промени во однесувањето беше кога Пиринејскиот Полуостров (Шпанија, Португалија) речиси целосно остана без електрична енергија во април оваа година. Тогаш повеќе од 50 милиони луѓе беа убедени дека „готовината е финансиската кралица“, и покрај брзиот развој на различните форми на безготовинско плаќање. Само за еден ден во кој снема електрична енергија, на 22 април, и телекомуникациите и дигиталните системи за плаќање престанаа да работат низ целиот полуостров, трошењето со картички и онлајн купувањето од страна на Шпанците се преполови. Вкупната потрошувачка во таа земја на тој ден беше околу една третина послаба од вообичаеното.