Албанија сѐ повеќе го привлекува вниманието на странските туристи, особено по пандемијата на Ковид-19.
„Притоа туризмот се чини дека е еден од најбрзо растечките сектори во земјата, а еден од главните фактори што влијаеле на овој развој е воспоставувањето на „нискобуџетни“ авиолинии, како и во многу други европски земји, што доведе до значително зголемување на бројот на комерцијални летови”, објавија албанските медиуми.
Според информациите од Европската статистичка агенција (Евростат), за јуни 2025 година, Албанија постигнала „многу позитивен резултат”. Во споредба со истиот месец пред почетокот на пандемијата, бројот на летови е зголемен за дури 166,4%, што е водечка позиција во Европа и регионот.
„Ова значително зголемување на воздушниот сообраќај покажува не само зголемен интерес за Албанија како туристичка дестинација, туку и подобрување на инфраструктурата и туристичката понуда на земјата“, наведуваат медиумите. Само во текот на јуни, Меѓународниот аеродром во Тирана пречекал приближно 1,15 милиони патници. За време на овој месец, биле реализирани 6.830 летови, поврзувајќи ја Тирана со 103 дестинации во 31 држава, преку 27 авиокомпании кои оперираат на овој аеродром.
Во однос на државите во регионот, по Албанија, земја со најголем пораст на комерцијалните летови е Босна и Херцеговина, со зголемување од 64,7%. Србија, исто така, забележува позитивен тренд, со пораст од 41,4%. Северна Македонија покажува поумерен пораст од 21,8%, додека Црна Гора е единствената земја во регионот што бележи намалување во овој аспект, со -3,3%.
И на европско ниво, Албанија е земја со најголем пораст на бројот на летови, по што следува Исланд, со зголемување од 106,9%, потоа доаѓаат Босна и Херцеговина, Србија и Полска. Сепак, не сите држави одржуваат позитивен биланс. Според достапните податоци, Латвија бележи најголем пад на комерцијалните летови, со -30,7%. Ситуацијата е негативна и за Шведска (-23,6%), Финска (-22,3%) и Словенија (-21,7%).