Податоците на Евростат за сиромаштијата покажуваат дека Грција се наоѓа меѓу првите пет земји во Европската унија со најголем ризик од сиромаштија кај вработените. Според најновите статистички податоци, 10,7 отсто од лицата кои имаат работа, односно еден од десет работници, се во опасност да живеат под прагот на сиромаштија.

Кога станува збор за машката популација, ситуацијата е уште потешка – дури 13 отсто од мажите се во ризик од сиромаштија, што ја поставува Грција на второто најлошо место во Европа, заедно со Бугарија, веднаш зад Романија која има 14,4 отсто.

Кај жените, состојбата е нешто подобра. Грција се наоѓа на 14-тата позиција со 7,6 отсто, што е подобар резултат во споредба со Италија, Швајцарија и Франција.

Публикацијата на Евростат „Клучни факти за условите за живот во Европа 2025“, објавена во септември, дава поширока слика за тоа како живеат Европејците денес. Најголем раст на приходите е забележан во Романија – дури 162,2 отсто, а значително зголемување имале и Бугарија, Полска, Хрватска, Унгарија и балтичките земји.

Спротивно на тоа, три земји бележат пад на приходите во истиот период: Грција со намалување од 25,8 отсто, Италија со 2,8 отсто и Франција со 1,7 отсто.