Економијата на еврозоната го завршува декември во дебакл. Иако годината се заокружува со континуиран раст – првпат по пандемиската 2019 – најновите податоци на S&P Global откриваат сериозни пропусти во европската економска машина.
Наместо празничен оптимизам, декември донесе забавување. Индексот на менаџери за набавки (PMI) се спушти на 51,9 поени, што е остар пад во однос на ноемвриските 52,8 – ниво кое беше највисоко во последните две и пол години. Иако бројката сè уште е над критичната граница од 50 поени (што означува раст), таа е најниска во последниот квартал, сигнализирајќи дека моментумот се губи.
Главниот виновник за овој економски песимизам е германската индустрија, која тоне во сè подлабок пад. Додека Франција покажува срамежливи знаци на закрепнување, европскиот индустриски мотор, Германија, продолжува да се соочува со сериозни потешкотии.
„Патот кон новата година изгледа прилично нестабилно,“ предупредува Сајрус де ла Рубија, главен економист во HCOB. „Економијата ќе може вистински да процвета само ако индустрискиот сектор конечно повторно застане на свои нозе.“
Производството бележи пад по девет месеци раст, а новите нарачки пресушија првпат од февруари. Услужниот сектор останува единствениот столб што ја држи економијата над површината, иако и таму е забележано забавување. Бизнис заедницата станува сè порезервирана. Индексот на очекувања за следните 12 месеци падна на најниско ниво од мај, што укажува на страв од претстојните економски предизвици.
Дури и кога ќе се тргнат настрана гигантите како Германија и Франција, остатокот од еврозоната не е имуна на забавување. Економската слика за 2025 година, според аналитичарите, останува неизвесна и полна со предизвици кои бараат итно рестартирање на индустриското производство.