Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед, препознавајќи стабилен економски раст и кредибилни политики.

Во извештајот се нагласува дека макроекономската стабилност е поддржана од доследните политики, долгогодишниот фиксен девизен курс и подобрените показатели за управување.

Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2%, поттикнат од приватната потрошувачка и зголемениот извоз, а за целата година се очекува ист раст. За периодот 2026–2027 „Фич“ прогнозира просечен раст од 3,4%, над долгорочниот потенцијал од околу 3%.

Големите инфраструктурни проекти и процесот на евроинтеграции се препознаени како двигатели на развојот, додека недостигот на работна сила, нискиот раст на продуктивноста и демографските трендови остануваат предизвици на среден рок.

„Фич“ укажува на потребата од постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг под 60% од БДП, иако имплементацијата на Законот за буџети е одложена поради засилените инвестициски активности.

Потврдата на „BB+“ со стабилен изглед, според Министерството за финансии, е силен сигнал до меѓународните пазари и инвеститорите дека земјата успешно ја зачувува економската стабилност и останува посветена на реформите и повисок животен стандард.