Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Мицкоски не само што не успеа да донесе нови странски инвестиции како што најавуваа, туку се затвораат и компании кои што со години работеа тука кај нас, рече Филипче
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека бројот на вработени во технолошко индустриските зони ќе биде помал за околу една третина, повикувајќи се на проценките на партискиот економски тим. Тој не прецизираше колкава е таа бројка, но рече дека само од компанијата „Аптив“, која најави затворање, без работа ќе останат околу 500 вработени.
„Секојдневно стигаат информации за отпуштања на голем број работници во индустријата во домашните компани, но и странските компании кои што работат тука. За жал, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Мицкоски не само што не успеа да донесе нови странски инвестиции како што најавуваа, туку се затвораат и компании кои што со години работеа тука кај нас“, рече Филипче, мислејќи притоа на компанијата „Аптив“ која работи во земјава од 2016 година со околу 500 вработени и „Дура аутомотив системс“, која што требаше да реализира нова инвестиција, но тоа нема да се случи, односно, наместо проширување и нови работни места, оваа компанија најави стопирање на инвестицијата.
„Според процените на нашиот економски тим, од сегашните отпуштања и оние кои се во најава, до крајот на годината за околу 30 проценти ќе биде намален бројот на вработени во зоните со странски инвестиции, што е огромна бројка, огромна загуба на работни места“, рече Филипче.
Ако на ова се додаде дека и десетици компании од текстилната индустрија, наши домашни компании, се затвораат изминатите месеци, стигнуваме до бројка на илјадници луѓе и на илјадници семејства кои што се соочуваат со неизвесност, додаде тој.
Инаку, на интеренет страницата на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), нема податок колку вработени во зоните има во моментов. Старницата е преполна со информации за средби на актуелното раководство со потенцијални инвеститори, но не и за конкретни договори. За време на претходното раководство, Дирекцијата на ТИРЗ редовно излегуваше со месечни анализи и податоци. па така во последната достапна анализа од мај 2024 година стои дека во компаниите во зоните бил речиси 18.100, односно за 8 отсто повеќе споредено со април 2023 година, а 25 отсто повеќе споредено со четвртиот месец во 2022 година. Во претходните седум години (пред 2024, заб.) само во ТИРЗ биле креирани близу 12.000 нови работни места споредено со речиси 6.300 до 2016 година. Просечната бруто плата заклучно со март 2024 година надмина 1.100 евра, стои во анализата на ТИРЗ од мај 2024 година.
Филипче на прес конференцијата денес рече дека секоја одговорна влада која има ваков проблем (со отпуштања на вработени и со затворање на фабрики), мора да најде решение, односно да понуди барем предлог решение за ваквите предизвици, но владата на ВМРО-ДПМНЕ тоа не го прави и никако не го адресира.
„Странските инвестиции со кои Мицковски се фалеше и се сликаше имаат сериозно низок процент на реализација, бројките и тука се поразителни“, рече Филипче, додавајќи дека споредено со годините на СДСМ, кога во првите два квартали имаше 600 милиони евра странски инвестиции, сега има само околу 200 милиони евра, односно дека се сведени на една третина.
„Откако премиерот заврши со сликање со нашите инвестиции и со китење со туѓи перја, сега реалноста за неговата неспособност му се удира од глава. Три пати помалку донесени странски инвестиции“, рече Филипче.
Тој посочи дека ако на ова се додадат другите економски пказатели, како дека сме со најмала минимална и просечна плата во регионот, а платите нема изгледи да растат, потоа дека имаме највисока инфлација во регионот од 4,5 проценти, најнизок проектиран раст од страна на Светска банка од сите земји во регионот, кој патем е целосно изеден од инфлацијата, тогаш е јасно дека оваа влада нѐ носи во економски амбис.
„Ваква економска некомптетентност, но и ароганција, е погубна за стандардот за граѓаните и тоа граѓаните го чувствуваат секојдневно“, рече Филипче.
Тој се осврна и на податоците од новиот Предлог- буџет, кој што треба да се презентира во Собранието наредните денови.
„Големиот дефицит од 3,5 проценти од домашнот бруто-производ, кој што патем е незаконски, потоа приходите кои што очигледно се проектирани да го пополнуваат дефицитот, а никако не се проектирани да носат раст и развој и ако воопшто се реализира предвидениот раст на БДП од 3,8 проценти, јасно е дека овој буџет е потрошувачки, а никако развоен. Нема ставка во Буџетот која што укажува на тоа дека ќе има инвестиции во некакви капитални проекти, во нешто што ќе носи економски раст и развој во државата“, рече Филипче.