Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Маврово и Ростуше, остро ја критикуваше економската политика на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи дека државата се соочува со сериозни финансиски проблеми и пад на странските инвестиции.

Филипче оцени дека до крајот на годината во државниот буџет ќе недостасуваат 1,4 милијарди евра, што, како што рече, ќе го загрози редовното исплаќање на плати, пензии, социјална помош и поддршка за компаниите.

„Година и пол укажуваме дека водат лоши економски политики и дека ќе завршиме во амбис. Ќе недостасуваат 1,4 милијарди евра за плати, пензии и социјална помош – единствено решение ќе биде ново задолжување“, изјави Филипче.

Тој додаде дека додека земјите од регионот бележат економски раст и зголемување на платите, македонската економија стагнира, а граѓаните не можат да добијат ниту минимална плата од 500 евра.

Во своето обраќање, Филипче посочи и дека во првите два квартали од 2025 година странските инвестиции биле под 300 милиони евра, за разлика од 2024 година кога, според него, „благодарение на политиките на СДСМ биле привлечени рекордни милијарда евра“.

„Странските инвеститори ја губат довербата. Знаат дека државата ја води влада без визија, без капацитет за реформи и без интерес за европска иднина“, нагласи тој.

Филипче заклучи дека граѓаните секојдневно се соочуваат со економски застој, без нови проекти, без раст на платите и пензиите, а довербата во институциите опаѓа.

„На 19 октомври граѓаните ќе испратат силна порака. Време е за развој, стабилност и европска Македонија“, порача лидерот на СДСМ.

Владата: Буџетот е стабилен, економијата расте

Владата со соопштение остро реагираше на предупредувањата на Филипче, нарекувајќи ги „лажна паника и неточни бројки“.

„Од Филипче не очекуваме да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки. Очигледно, советниците не му ја завршиле домашната задача“, се наведува во реакцијата.

Оттаму посочуваат дека Буџетот е стабилен и ликвиден, дека сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено, а реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика.

Според Владата, буџетскиот дефицит за 2025 година изнесува 41,4 милијарди денари, што е 3,3 милијарди помалку од 2024 година. Јавниот долг, заклучно со јули, е 58,7%, а очекувањата се тој да биде понизок од проектираниот до крајот на годината.

„Економијата расте, инфлацијата се стабилизира. Реалниот БДП порасна за 3,4% во второто тримесечје, невработеноста е на историски најниско ниво од 11,5%, а инфлацијата во септември изнесува 4% и продолжува да паѓа“, наведуваат од Владата.

„Ова се факти, не политички флоскули. Додека Филипче се обидува да создаде паника, Владата останува фокусирана на стабилност, раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, се вели во соопштението.