Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во емисија на ТВ21, нагласи дека зголемувањето на минималната плата на 600 евра е реална потреба и е неопходно за да се подобри животниот стандард на граѓаните. Филипче нагласи дека граѓаните се соочуваат со сериозни економски притисоци и дека е неопходна вистинска поддршка за работниците.

„Луѓето не може да преживеат, реални потреби имаат, не може крај со крај да врзат. А што им вика премиерот јадете помалку или не одете на одмор, тоа ли е одговорна власт, тоа ли е тоа што луѓето сакаат да го видат. Се предвидува и друга криза сега со кризата во Иран, ќе се зголемат цените на храната, што ќе прави Христијан сега, ќе вели не 1.600 денари туку 1.800 денари. Сега е 400 евра минимална плата, ниту 3 не се доволни да се преживее месецот“, рече Филипче.

Тој додаде дека власта постојано бара изговори за да не ја покачи минималната плата на 600 евра.

„Излегува премиерот и им кажува на работниците вашиот човек кој што ја правел синдикалната кошничка кажал дека одморот е дел, а не е дел итн. Се бараат изговори за да не се направи нешто или за да им се помогне на граѓаните, за власта е првото сценарио. Само изговори за да не им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.

Во интервјуто Филипче посочи дека СДСМ и како власт и како опозиција постојано предлага решенија за зголемување на минималната плата кои власта упорно не ги прифаќа.

„Дадовме предлог за 600 евра да се зголеми, нека ја зголемат 10.000 денари нека ја зголемат 8.000, 6.000 денари, а не 1600 денари. Не им е доволно на луѓето па нормално веќе протестираат и нормално дека ќе ги поддржиме“, изјави Филипче.