Наместо да се фокусира на клучните проблеми во државата, како што е затворањето на фабрики и скандалот со средствата од ИПАРД, владата на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски не се занимава со ништо друго туку само со СДСМ и фабрикува невистини, оцени денеска на прес конфереција престедалот на СДСМ, Венко Филипче.
Осврнувајќи се на скандалот со суспензија на ИПАРД фондовите, тој рече дека штетата е речиси 130 милиони евра.
„До сега има склучено 453 договори во износ од 35 милиони евра, од кои се исплатени само десет милиони евра. Во моментов над 180 инвестиции вредни над 25 милиони евра се директно погодени и уште 30 милиони евра во нови проекти се стопирани. Владата сето ова го крие и не сака да го коментира“, рече Филипче.
Според него, ова е скандал што го потврдува тоа што го зборувале од СДСМ изминатите 15 месеци – дека оваа власт е длабоко корумпирана и целиот систем е зафатен од мрежи на корупција контролирани од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сето ова во овој сектор оди на директна штета на нашите земјоделци, кои од оваа власт се практично уништени. Не е само ова, ниски откупшни цени, ниски субвенции и сега дополнително кратење на средствата од ИПАРД поради корупција. Срам пред Европа за нашата земја“, рече Филипче.
Тој додаде дека овој скандал открива и една друга димензија, а тоа е дека земјоделците очигледно се и биле под постојан притисок на уцени и корупција за секоја работа која што требало да ја завршат во институциите, оценувајќи дека тоа едноставо е „скандалозно и понижувачки“.
„Затоа во една таква ситуација кога сме соочени со влада која што очигледно не сака ниту да дебатира за проблемите, која што е сведена на само еден лажен пи-ар на изјави со кои што работите се спинуваат и не сака барем да каже како работите ќе ги корегира овие поразителни параметри во економијата, дали воопшто размислува да најде решение за овие луѓе кои што се директно загрозени и им е загрозена егзистенцијата, оваа власт не се занимава со ништо друго туку само со СДСМ“, рече Филипче.