Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги засилува активностите за директна финансиска поддршка на најранливите граѓани, со цел намалување на трошоците за електрична енергија. Мерките се особено насочени кон домаќинства со деца со попреченост и семејства згрижувачи, со цел унапредување на животниот стандард и олеснување на секојдневието.

Како што информираат од Министерството, се донесени решенија за финансиска помош до домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток, како и до семејства згрижувачи кои се грижат за најмалку едно, а најмногу пет лица. Во пракса, тоа значи дека секој месец, најдоцна до 5-ти, Министерството преку електронска комуникација доставува до ЕВН Хоме листи на корисници на кои треба да им се намалат сметките за потрошена струја.

Овие листи ги содржат сите неопходни податоци: број на решение, кориснички број од базата на ЕВН, број на место на потрошувачка и износот на финансиската помош. Во рок од три работни дена по доставата, Министерството ја врши уплатата за вкупниот износ за тековниот месец, а ЕВН Хоме ја евидентира претплатата за секој корисник и го намалува износот за наредните фактури. Доколку претплатата е поголема од сметката, износот се пренесува за следните месеци, додека не се исцрпи.

Корисниците намалувањето ќе го видат под ставката „Износ во претплата“ на својата фактура, а целата постапка е транспарентна и се следи преку извештаи кои месечно се достапни до Министерството.

Со оваа мерка, државата и ЕВН Хоме покажуваат посветеност во создавањето социјално одговорно општество и обезбедување конкретна поддршка за оние на кои е најпотребна. Министерството најавува дека ќе продолжи со реализација на слични програми, во партнерство со релевантните институции, за полесен пристап до енергија за сите ранливи категории граѓани.