Поранешниот фотографски гигант Eastman Kodak, компанија со традиција од 133 години, ги предупреди инвеститорите дека е во опасност од банкрот.

Во својот извештај за заработка Kodak соопшти дека нема „обезбедено финансирање или достапна ликвидност“ за да отплати долг од приближно 500 милиони долари, пишува CNN.

„Овие услови фрлаат значителен сомнеж врз способноста на компанијата да продолжи како континуирана компанија“, се наведува во документот на Kodak.

Компанијата се обидува да собере пари со суспендирање на плаќањата во својот пензиски фонд.

И покрај мрачните прогнози, извршниот директор Џим Континенза тврди дека компанијата постигнала напредок.

„Во вториот квартал Kodak продолжи да постигнува напредок во однос на нашиот долгорочен план и покрај предизвиците на неизвесната деловна средина“, рече тој.

Портпаролот на компанијата за CNN додаде дека тие се „уверени оти ќе може да отплатат значителен дел од нивниот долгорочен заем многу пред рокот на достасување и да го модифицираат, продолжат или рефинансираат преостанатиот долг и/или обврските за преференцијални акции“.

Веста силно одекна на пазарот, а акциите на Eastman Kodak (KODK) паднаа за повеќе од 25% во вторникот.

Компанијата Eastman Kodak е основана во 1892 година, но нејзините корени датираат од 1879 година кога основачот Џорџ Истман патентирал машина за обложување плочи. Тој го продал првиот фотоапарат на Kodak во 1888 година за 25 долари.

Во тоа време фотографијата била резервирана за малкумина поради нејзините технички барања, но фотоапаратот на Kodak бил дизајниран да ја доближи до масите. Истман исто така го создал легендарниот слоган: „Вие го притискате копчето, ние го правиме другото“.

Самото име Kodak нема никакво значење. Според компанијата, Истман го измислил затоа што му се допаѓала буквата К. „Буквата K ми беше омилена – се чувствува како силна, моќна буква“, објасни тој.

Kodak доминира на пазарот со децении. Во текот на 70-тите, според „Економист“, држел 90% од продажбата на филмови и 85% од продажбата на фотоапарати во САД, а хит-песната на Пол Сајмон, „Kodachrome“, беше на врвот на листата во 1973 година. Иронично, падот беше потпомогнат од технологијата што самите ја измислија – првиот дигитален фотоапарат, воведен уште во 1975 година.

Компанијата не успеа да се приспособи на дигиталната ера и поднесе барање за банкрот во 2012 година, со долгови од 6,75 милијарди долари кон 100.000 доверители. Краткорочно закрепнување се случи во 2020 година кога американската влада ги ангажираше да произведуваат фармацевтски состојки. Цената на акциите потоа скокна толку многу што тргувањето беше запрено дури 20 пати во еден ден.

Иако повторно се соочува со загуби, Kodak објави планови за проширување на фармацевтскиот дел од својот бизнис. Компанијата продолжува да произведува филмови и хемикалии за други компании, вклучително и филмската индустрија.