Проценките укажуваат на милијарди евра загуби, но и на сложена врска помеѓу продуктивноста, паузите за работа и навиките на вработените.

Така, паузите за цигари ги чинат француските работодавци повеќе од пет милијарди евра годишно, според анализата на порталот за вработување Jobleads. До оваа проценка е дојдено со комбинирање на податоци за потрошувачката на тутун, бројот на вработени, стапките на пушење, времетраењето на паузите и нивото на платите.

Сепак, методологијата вклучува одредени поедноставувања – на пример, проценката на времето поминато во пушење се базира на анкета на YouGov спроведена во Обединетото Кралство, а не во Франција.

Паузите за цигари претставуваат непродуктивно време кое може да го наруши работниот ритам и концентрацијата, истакнува Јан Хендрик фон Ален, соосновач и директор на Jobleads.

Но, прашањето за реалните трошоци не е ново. Според американска студија од 2013 година, пушач го чини работодавачот речиси 6.000 долари (околу 5.240 евра) повеќе годишно од непушач, вклучувајќи ги паузите и отсуствата поради здравствени причини.

Сепак, некои експерти веруваат дека ваквите проценки се преценети бидејќи голем дел од пушењето се случува за време на веќе пропишаните паузи. Францускиот закон, на пример, гарантира најмалку 20 минути одмор по шест часа работа, пишува Le Monde.

Во пракса, вработените кои пушат во ова време не создаваат поголем трошок од колегите кои одмoраат на други начини, а многу компании сепак толерираат кратки паузи за кафе, воздух или цигара, под услов вработениот да е достапен.

Од друга страна, строгите прописи за пушење го отежнуваат правењето такви паузи во затворен простор, па затоа компаниите генерално се одлучуваат за поевтини места за пушење на отворено – честопати само голем пепелник и чадор за сонце. Но, за вработените во големи канцелариски згради, патувањето и времето потребно за да се стигне до овие области (лифтови, точки за контрола на картички) честопати може да бараат дополнителен напор и време.

Тешко е прецизно да се утврди дали пушачите прават паузи почесто – од една страна, тие се мотивирани од зависноста од никотин, а од друга страна, тие се сè повеќе ограничени од социјалните притисоци и построгите правила. Од 2025 година забраните за пушење се проширени во непосредна близина на училиштата и спортските објекти, дополнително стеснувајќи го просторот за пушачите.

СЗО сака да забрани филтри, да ги затвори продавниците за тутун и да ја забрани комерцијалната продажба на цигари, a ЕУ го поддржува тоа.
Европската комисија размислува да го зголеми данокот на тутун за 258 проценти, воведувајќи го и на електронските цигари.