Германската економија ќе падне за 0,2 отсто оваа година, со што земјата ќе остане во рецесија, според новите прогнози на Германскиот економски институт (IW).
Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни IW. Глобалната неизвесност ги обесхрабрува бизнисите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа и големите купувања како што се нови машини и возила.
Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
IW заклучува дека Германија, со бруто-домашен производ (БДП) кој се намали за 0,2 отсто во 2024 година, ќе остане во рецесија.
Најголемиот ризик за глобалната економија оваа година, според IW, е трговската политика на САД. Без царинските политики на САД, глобалното економско производство во 2025 година би можело да биде повисоко за 0,8 отсто, соопшти германскиот институт.
Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор во Германија и натаму се тмурни. Се очекува индустриските компании да генерираат помала додадена вредност оваа година, по падот од 3 отсто во 2024 година.
Високите цени на енергијата, зголемувањето на платите и сѐ поголемата регулатива вршат дополнителен притисок врз бизнисите.
Градежните компании, по пад од 3,7 проценти во 2024 година, продолжија да се соочуваат со дополнителни ограничувања оваа година, при што високите трошоци за изградба предизвикани од регулативата продолжуваат да го попречуваат секторот.
IW, исто така, забележа дека овие трендови сега влијаат на пазарот на трудот, при што бројот на вработени се намалува од средината на 2024 година. До летото, бројот на невработени би можел да достигне три милиона, бројка што не е забележана од 2010 година, велат економистите.
Раководителот на одделот за макроекономски истражувања на IW, Михаел Гремлинг, изјави дека новата германска влада има можност да го промени трендот, посочувајќи на планираниот посебен инфраструктурен фонд што би можел да помогне во стимулирањето на економијата.