Германската економија годинава ќе опадне за 0,2 проценти, оставајќи ја земјата и натаму во рецесија, покажуваат најновите прогнози на Германскиот економски институт (IW).
Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни германскиот институт.
Глобалната неизвесност ги обесхрабрува компаниите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа паѓаат и големите купувања, како што се оние на нови машини и возила.
Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
Институтот заклучува дека Германија, со бруто-домашен производ (БДП) што се намали за 0,2 проценти во 2024 година, и годинава ќе остане во рецесија.
Најголем ризик за глобалната економија годинава, смета Институтот, е американската трговска политика. Без царинската политика на САД, глобалните економски перформанси во 2025 година можеа да бидат повисоки за 0,8 проценти, објави институтот.
Перспективите за индустрискиот и градежниот сектор остануваат мрачни. Се очекува индустриските компании годинава да генерираат помала додадена вредност, по падот од три проценти во 2024 година.
Високите цени на енергијата, зголемувањето на платите и зголемената регулатива вршат дополнителен притисок врз компаниите.
Градежните компании, по пад од 3,7 проценти во 2024 година, продолжија да се соочуваат со дополнителни ограничувања и оваа година, а високите трошоци за изградба предизвикани од регулативата продолжуваат да го попречуваат секторот.
Институтот, исто така, забележа дека овие трендови сега влијаат врз пазарот на трудот, при што бројот на вработени се намалува од средината на 2024 година. До летото, бројот на невработени би можел да достигне три милиони, што не е евидентирано од 2010 година, велат економистите.
Раководителот на макроекономските истражувања во IW, Михаел Гремлинг, рече дека новата германска Влада има можност да го промени трендот, посочувајќи на планираниот посебен инфраструктурен фонд што би можел да помогне во стимулирање на економијата.