Германското индустриско производство претрпе најголем пад за речиси една година, што претставува уште еден удар за најголемата економија во Европа, која се соочува од ограничени трговски услови со САД.
Производството во јуни се намали за 1,9 отсто во однос на претходниот месец, а падот најмногу е поттикнат од секторите производство на машини и опрема, фармацевтски производи и храна. Падот е многу поголем отколку што предвиде кој било економист. Мајското отчитување беше ревидирано на мало намалување, а вкупниот пад во вториот квартал сега изнесува еден отсто, соопшти денеска „Дестатис“.
Bloomberg Mercury
Денешниот извештај е нов знак за вознемиреност, откако веќе слични знаци праќаат и извозно ориентираните германски бизниси, кои сега се соочуваат со реалноста, а не само со царинските закани од американската администрација.
„Порше“ и „Ауди“ се меѓу производителите на автомобили што ги намалија своите прогнози, додека други укажаа на зголемен недостиг од снабдување, што претставува ризик за растот. „Невообичаено високата ревизија во мај се должи на корекции на податоците од производителите на автомобили“, соопшти заводот за статистика.
Слабата побарувачка од земјите надвор од еврозоната беше одговорна за неочекуваниот пад на фабричките нарачки во јуни, покажаа одделни податоци објавени вчера, каде што има сосема малку знаци што укажуваат на скорашно закрепнување.
„Бундесбанк“ предвидува дека економијата ќе закрепне во 2025 година, по долгата рецесија во поголемиот дел од претходните две години.
Сепак, постојат некои зраци на надеж. Довербата постепено расте во инвестициските планови на некои од водечките германски фирми и изгледите за значително зголемување на јавните трошоци за инфраструктура и одбрана.
Тоа исто така треба да го поттикне растот на подолг рок. За следната година економистите предвидуваат раст од 1,1 отсто, кој треба да се забрза на 1,6 отсто во 2027 година.
Посебен извештај покажа дека трговскиот биланс на Германија се намалил на 14,9 милијарди евра како резултат на зголемувањето на увозот. Тоа е најмалиот јаз во последните осум месеци.