Коалициската влада на Германија се согласи на компромис за реформа на миграциската политика на земјата во согласност со законите на ЕУ, дознава ДПА од владини извори денеска.

Конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите (СПД) се согласија да спроведат построги ограничувања во врска со тоа кој може да аплицира за азил, но и да овозможат побрз пристап до пазарот на трудот за оние што чекаат резултат од нивното барање.

„Минатата година, половина од барателите на азил што дојдоа во Германија требаше да останат во друга земја-членка според законите на ЕУ“, изјави за ДПА Александар Тром, портпарол на конзервативците за внатрешна политика.

Според правилата на ЕУ, земјата-членка каде што барателот на азил првпат влегува во блокот е одговорна за обработка на неговото барање за азил.

„Сега воведуваме таканаречени секундарни миграциски центри, каде што засегнатите ќе останат додека не бидат вратени“ во првата земја-членка на ЕУ, рече Тром, нагласувајќи дека не е предмет на преговори за конзервативците да ги спречат барателите на азил да патуваат од една земја-членка на ЕУ во друга.

Тром рече дека Германија ќе воведе и „нова опција за притвор во постапката за азил за сите баратели на азил, на пример, ако постои ризик дека би можеле да се кријат“.

Германското списание „Дер Шпигел“ објави дека како дел од компромисот со СПД, кои се залагаат за помалку рестриктивен пристап кон миграцијата, на барателите на азил ќе им биде дозволено да работат по три месеци, наместо сегашните шест. Исто така, ќе се подобри здравствената заштита за децата на бегалците.