Наместо да ја зголемиме вредноста на домашните земјоделски производи и да ги продаваме како преработки, ние ги извезуваме сурови.
Наместо да ја зголемиме вредноста на домашните земјоделски производи и да ги продаваме како преработки, ние ги извезуваме сурови. На овој начин губат не само земјоделците туку и индустријата и државата, бидејќи можеме да заработиме многу повеќе со производство на готови производи. Агроекспертите посочуваат дека треба да се отворат повеќе нови преработувачки капацитети во државата и да извезуваме повеќе брендирани производи. Нашето земјоделско производство е квалитетно и зошто да го даваме на некој друг, кој ќе прави преработки од него и ќе ни ги продава на нас?
– Немаме доволно преработувачки капацитети. Ние се радуваме ако ги извеземе јаболката по 11 денари, но треба да се радуваме ако ги преработиме и добиеме домашен сок од нив наместо да ги извезуваме сурови и да увезуваме сок од нив. Не е исто да извезете суров земјоделски производ и да го преработите и да го продадете како бренд со поголема додадена вредност. На тој начин ќе има поголема заработувачка и за земјоделците, и за преработувачката индустрија и за државата – изјави за весникот ВЕЧЕР Васка Мојсовска од Агробизнис комората.
Така, на пример, поранешната фабрика „Македонија“ од Неготино, која беше препознатливо име и ја снабдуваше цела поранешна Југославија со преработки од земјоделски производи, сега е оставена на забот на времето.
Поради тоа, Мојсовска смета дека е потребно да се олесни пристапот до финансиски средства и земјоделците да можат да ги преработуваат земјоделските производи и да ги продаваат како готови производи.
– Потребни се поголем број мали преработувачки фабрики и дестилерии во руралните средини, кои ќе придонесат да се раздвижи руралната економија и да се намали миграцијата од село во град. Кампањата „Купувајте домашни производи“ треба да се прошири и да важи и за преработките. На тој начин ќе имаме повеќе преработувачки капацитети и повеќе преработки – појаснува Мојсовска.
Наместо постојано да се жалиме дека е намалено земјоделското производство, таа вели дека е потребно да му ја зголемиме вредноста на она земјоделско производство што го имаме со тоа што ќе го извезуваме како готов производ. На пример, наместо грозје, да извезуваме повеќе вино; наместо јаболка – сокови, џемови, слатка; наместо сливи – дестилат…
И Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и за Централна Азија и шеф на Канцеларијата на ФАО во Македонија, во интервјуто за МИА по повод Светскиот ден на храната, 16 Октомври и 80 години од основањето на ФАО, вели дека се потребни трансформација на македонското земјоделство и полесен пристап на малите земјоделци, жените и младите до иновации, нови технологии и современи вештини.
– Нашиот фокус е цврсто насочен кон иднината: трансформација на македонското земјоделство кон поинклузивни и поодржливи агропрехранбени системи, усогласени со стандардите на Европската Унија и со целите за одржлив развој. Зголемувањето на продуктивноста, конкурентноста и на отпорноста на земјоделството ќе остане главна цел. Тоа значи справување со расцепканоста на земјоделското земјиште, малите фарми и застарената инфраструктура, кои ја ограничуваат продуктивноста и придонесуваат за депопулацијата во руралните средини – вели Ганги.