ДОГОВОРОТ ЗА ИНТЕРКОНЕКТОРОТ СО ГРЦИЈА Ѝ ПРЕДИЗВИКУВА ГОЛЕМА ШТЕТА НА ДРЖАВАТА
Почнувајќи од октомври минатата година, околу 300 илјади евра од државниот буџет одат за закуп на природен гас од терминалот во Александруполи, Грција, а гасот не се користи затоа што Македонија ја нема изградено цевката. Оваа обврска македонските граѓани ги чини над 3,5 милиони евра годишно, а треба АД ЕСМ да ја подмирува цели 15 години кон грчката компанија „Гас Трејд“. Постои опција количеството на природен гас да се откупува и потоа да се препродава, но обидите на АД ЕСМ засега се неуспешни
Почнувајќи од октомври минатата година, околу 300 илјади евра од државниот буџет одат за закуп на природен гас од терминалот во Александруполи, Грција, а гасот не се користи затоа што Македонија ја нема изградено цевката. Оваа обврска македонските граѓани ги чини над 3,5 милиони евра годишно, а треба АД ЕСМ да ја подмирува цели 15 години кон грчката компанија „Гас трејд“.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, објасни дека обврската за закуп на капацитет на гас Македонија ја прифатила за да биде косопственик на 25 проценти на гасната електрана, но откако пропаднала таквата можност, договорот за закуп на гас не бил раскинат и натаму е на сила што ѝ предизвикува голема штета на државата. Божиновска вели дека иако со раководството на АД ЕСМ било разговарано за раскинување на договорот, таа смета дека тоа е тешко изводливо затоа што станува збор за меѓународен договор и со едностран прекин на плаќањето од нашата страна, грчката „Гас трејд“ ќе нè тужи.
Договорот го потпиша поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Кичевски, кој е во бегство бидејќи институциите го гонат како осомничен во случајот „Адитив“ за набавка на мазут за РЕК Битола. Од АД ЕСМ поднесоа кривични пријави до Финансиската полиција, против лицата што биле дел од претходните два управни и надзорни одбора на компанијата, како и против високи функционери во поранешната Влада, вклучително и претседавачот на Комисијата за економски систем за серија одлуки поврзани со закупувањето на капацитетите во гасниот терминал Александруполи.
Од Здружението на инженери на Македонија побараа од Владата да го поништи договорот бидејќи плаќаме големи средства за нешто што не го користиме. Тие побараа да се покрене некоја постапка за казнивост на тој што го потпишал овој договор.
Постои опција количеството на природен гас да се откупува и потоа да се препродава, но било неуспешно и покрај обидите на АД ЕСМ.
Од минатиот месец од македонска страна почна да се гради цевководот од страна на кумановската компанија „Рапид Билд“ и според најавите работите треба да завршат за 22 месеци, односно некаде во 2027 година да можеме да ги имаме првите количини од овој енергенс.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека затекнале проект што 7 години не бил поместен од место.
– Како Влада затекнавме еден проект што седум години не беше поместен од место и кога беше извршена некаква евалуација тогаш заемодавателите одлучија да го прекинат поради тоа што претходната влада на СДСМ и ДУИ креирала спецификација таква каква што не одговара на критериумите коишто ги даваат заемодавателите. На брза трака го ставивме тој проект, го коригиравме со новото раководство на „Нома гас“, тендерската документација се доврши, се потпиша договор со фирма изведувач и во моментот траат градежните активности. Се надевам многу скоро од денес сите заедно ќе појдеме на лице место и да се радуваме на уште еден проект којшто е многу значаен за сите нас – потенцира Мицкоски.
Тој истакна дека за разлика од цевководот Жидилово–Крива Паланка преку кој добиваме гас кој е еднонасочен, овој со Грција е двонасочен. Тоа значи дека ќе продолжи кон Србија.
– Се надевам многу скоро ќе почне градбата на северниот интерконектор со Србија, тогаш како држава сме на мапата на транзит на гас и многу значајна за транзит на гас од југот, односно од терминалот Александруполи или, пак, од другите земји извознички на гас, Азербеџан, Катар итн. кон централна Европа. И ние како држава добиваме на исклучително геостратешко значење. Тоа е една од моите лични цели коишто во овој мандат, во овие четири години очекувам да ја завршиме – дециден е Мицкоски.
Проектот се проценува дека ќе чини над 5,1 милијарди денари, а ќе се реализира со поддршка од Европската Унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку грантови, техничка помош и поволни заеми.
Вкупната должина на целиот гасовод е 123 километри и тој треба да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во земјава. Од грчка страна компанијата „Терна“ ги гради цевководот преку кој природен гас ќе пристигнува од грчките терминали во Ревитуса и Александропули и ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за проширување до 3 милијарди.